• Овој енигматичен лидер долго време претставува трн во окото на Ријад, но сега предизвикува потреси што имаат глобални последици

Абдул-Малик ал Хути со години не е виден во јавноста. Никој, освен неговите најдоверливи соработници, не знае каде се наоѓа тој. Меѓу Јеменците постои сомнеж дека тој дејствува од огромна мрежа на тунели и пештери во непристапните планини на Сада, неговата матична рурална провинција во северниот дел на Јемен. Сепак, од своето скривалиште, во последните недели тој ѝ зададе тешки удари на Саудиска Арабија, отвори нов фронт во конфликтот на Блискиот Исток, ги разниша пазарите на нафта и ги засили напорите на Иран да одржува притисок врз глобалните цени на енергентите во својата борба против САД.
Со месеци, движењето на Хутите што тој го предводи главно остануваше настрана од војната на САД и Израел против Иран – главниот поддржувач на јеменските бунтовници. Но во јули, Ал Хути презеде ризичен потег, повторно разгорувајќи ја децениската војна со Саудиска Арабија и прекршувајќи го примирјето од 2022 година, откако неговите исламистички сили прогласија блокада на пристаништата на кралството и започнаа напади врз саудиски танкери.
Минатата недела, тие ги ескалираа нападите до жестоко ниво – речиси секојдневно лансирајќи плотуни од беспилотни летала и ракети кон саудиските нафтени постројки, додека истовремено започнаа молскавична офанзива кон југ, по должината на јеменскиот брег на Црвено Море, зацврстувајќи ја контролата врз теснецот Баб ал Мандеб, витална поморска трговска маршрута. Оваа брза офанзива придонесе цените на нафтата да достигнат највисоко ниво од средината на мај и ја зацврсти позицијата на Ал Хути како еден од најмоќните лидери во иранската таканаречена „оска на отпорот“.
Движењето на Хутите, чии главни поддржувачи следат радикално толкување на зејдиската гранка на шиитскиот ислам, промовира доктрина длабоко непријателски настроена кон САД и Израел, а наклонета кон Палестинците, уште од своето основање од страна на братот на Ал Хути, Хусеин, во 1990-тите години.
Со години, критичарите ги исмеваа Хутите како необразовани племенски борци од планинските предели – познати по својата традиционална облека и по тоа што претпочитаат да носат отворени сандали наместо воени чизми. Сепак, откако го презеде раководството на групата по загинувањето на својот брат во борба во 2004 година, Ал Хути ги трансформираше милитантите во моќна, борбено искусна и идеолошки мотивирана сила.

Под негово водство, Хутите водеа повеќе војни против покојниот јеменски диктатор Али Абдула Салех, како и погранични судири со саудиските сили, додека истовремено организираа кампови на северот за спроведување социјални проекти, ширење на својата идеологија и придобивање поддржувачи. Но можноста за Хутите да стапат на националната сцена се отвори во 2011 година, кога Јеменците излегоа на улиците против владата на Салех, во екот на народните востанија низ арапскиот свет.
Хутите, кои долго време го обвинуваа Салех за корупција, застанаа на страната на демонстрантите и опозициските групи, кои на крајот го принудија долгогодишниот претседател да се повлече. Првично, тие беа пречекани со одобрување од многу Јеменци, кои гледаа на нив како на заштитници на долготрпеливото население. Но додека слабата преодна администрација се соочуваше со тешкотии, бунтовниците ја искористија ситуацијата: кон крајот на 2014 година го зазедоа главниот град Сана, ја соборија владата и напредуваа кон југ, кон градот Аден.
Затекната од падот на режимот што го поддржуваше и загрижена поради врските на Хутите со Иран, Саудиска Арабија интервенираше предводејќи арапска коалиција со цел да ги потисне бунтовниците и да ја врати владата на власт. Оттогаш, кралството е заглавено во катастрофална и исклучително скапа војна, бидејќи Хутите успеаја да издржат повеќегодишно бомбардирање од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, како и бранови воздушни напади од САД и Израел.
Хутите станаа и поагресивни по нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година и последователната војна во Газа – нивното владеење стана уште порепресивно, а реториката против Израел и САД уште пожестока. Тие почнаа да лансираат ракети и беспилотни летала кон Израел и да напаѓаат бродови во Црвено Море, тврдејќи дека дејствуваат во знак на солидарност со Палестинците.
САД и Израел одговорија со воздушни напади врз Јемен, но Хутите опстојаа. Американскиот претседател Доналд Трамп дури и ја пофали групата што претходно ја означи како терористичка организација, за нејзината „храброст“ и способност да „издржи силни удари“, откако минатата година беше запрена кампањата на бомбардирање. По најновите успеси на бунтовниците на бојното поле, Ал Хути нема да биде расположен за компромис, вели поранешен дипломат што работел во Јемен.
– Тој има мошне добро разбирање за својата предност, како во воен така и во политички поглед – вели поранешниот дипломат.
Мохамед ал Баша, основач на „Баша рипорт“, американска компанија за советување во областа на процена на ризици, вели дека Ал Хути (кој своите пораки ги пренесува преку долги видеоизјави) се претворил во мегаломан, сè повеќе изолиран од надворешниот свет, кој „искрено верува дека ќе ја ослободи Палестина“. Тој го опишува хутизмот како мешавина од зајдизам и џихадизам, проткаена со таинственоста на Муслиманското братство.

Иако се помалку идеолошки поврзани со Иран отколку другите шиитски милитантни групи, односот на Хутите со Исламската Република Иран датира од пред многу години и еволуираше по народните востанија во 2011 година, кога Техеран се обиде да го искористи хаосот за да регрутира Јеменци од сите политички убедувања.
Сепак, интервенцијата на Саудиска Арабија во војната во Јемен, првенствено поради стравот дека Иран добива милитантен сојузник што презема контрола во непосредното соседство на кралството, дополнително ги зацврсти врските, бидејќи Техеран почна да им обезбедува на Хутите обука, оружје и технологија. – Тоа беше самоисполнувачко пророштво, бидејќи во тој момент односот беше сè уште во зачеток – вели поранешниот дипломат.
Јеменските аналитичари велат дека, иако дејствијата на Хутите им служат на интересите на Иран, Ал Хути не прима наредби од Техеран, ниту од кој било друг. Во нивните редови има поединци што се залагаат за поблиски врски со Иран, како и други што застапуваат поизразен јеменски националистички став. Нивните напади врз Саудиска Арабија и офанзивата по должината на брегот на Црвено Море во голема мера имаат цел да го принудат Ријад на отстапки под условите на Хутите, и тоа во време кога расте економскиот притисок на северот.
Но Ал Хути и Иран имаат заедничка цел: да го искористат Јемен за проектирање моќ и градење мрежи во регионот на Црвено Море, како и за спротивставување на САД, вели поранешниот дипломат.
– Тоа е апсолутно водено од домашна агенда бидејќи Хутите сакаат да ја завршат војната под свои услови – нагласува тој.