Што им изгледа невозможно на младите луѓе денес? Дали невозможното навистина е граница или само нешто што сè уште не сме научиле да го замислуваме, да го разбереме или да го направиме? Токму овие прашања се во фокусот на годинашното издание на младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“, чија тема е „Невозможните нешта“. Фестивалот е отворен со проекција на италијанскиот филм „Лагат – Невозможен сон“ од 2025 г., во режија на Мајкл Зампино. Андреа, како тинејџер, бил сметан за многу надежен џокеј, но по смртта на својата мајка ги напуштил тркачките патеки. Случајната средба со Тони, неговиот поранешен тренер во коњичкиот клуб „Сан Росоре“, го наведува Андреа да поверува дека повторно може да стане успешниот џокеј што некогаш бил.
– Следејќи го светот на генерацијата зед, но и на најмладата генерација алфа, свет што се менува со огромна брзина, „Џифони Македонија“ годинава отвора простор за приказни што се послоевити, похрабри и поблиски до сложената реалност на младите. Промените не се однесуваат само на возрасните граници – тие се одразуваат и во начинот на кој младите ги доживуваат филмовите, кратките видеоформати, медиумите и светот околу себе. Целта на фестивалот е да понуди филмови што на денешните тинејџери ќе им се обратат со искреност и длабочина, почитувајќи ги нивната зрелост и нивната потреба за приказни во кои можат да ја препознаат сопствената сложена реалност. Зборот „невозможно“ звучи како пречка. Но во него постои и една противречност – тој негира, но истовремено упатува на нешто што сè уште не сме научиле да го правиме, да го замислуваме или во што не сме научиле да веруваме. Затоа, „Невозможните нешта“ не се фокусираат само на големи апстрактни идеи. Темата ги опфаќа и малите и големите невозможности со кои секојдневно се соочуваме – велат организаторите.
За фестивалот досега се пријавени повеќе од 400 учесници, а се очекува и учество на околу 30 млади гости од Италија, Данска, Романија, Србија и од Косово.
„Невозможните нешта“ не бараат од младите да го надминат невозможното. Напротив, ги покануваат да го препознаат – да се соочат со она што не може да се контролира, да се реши или целосно да се разбере и токму во таа средба да пронајдат нов вид свесност. Годинашната програма носи над 80 долгометражни и кратки филма, распоредени во повеќе натпреварувачки програми. Фестивалската публика и учесниците ќе имаат можност да ги следат натпреварувачките селекции за: најдобар долгометражен филм, најдобар краток филм, најдобар анимиран филм, најдобар филм направен од ученици од основните и средните училишта. На фестивалот ќе бидат претставени и најновите кратки филмови на македонските автори Крсте Господиновски, Ханис Багашов, Трифун Ситниковски, Оливера Каменаровска, Лора Милошевска, Кирил Цеков и Фросина Захда.
Натпреварувачката програма ќе биде отворена со македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума.
Од регионот годинава пристигнува и црногорскиот игран филм „Видра“, во режија на Срџан Вулетиќ, додека во јуниорската селекција ќе биде прикажан хрватскиот филм „Вториот дневник на Паулина П.“, во режија на Невен Хитрец.
Другите долгометражни филмови доаѓаат од различни европски земји, додека краткометражната програма носи филмови од целиот свет. Фестивалот и годинава ќе овозможи директна средба меѓу младата публика и филмските автори. Досега се потврдени гостувања на четворица режисери на долгометражните филмови, кои по проекциите ќе разговараат со учесниците и ќе одговараат на нивните прашања.
































