Африканците ја оплескаа. А само сакаа праведна распределба на димензиите во географските карти, односно да ѝ се прикаже на Африка реалната големина. И никој не очекуваше – откако Обединетите нации го изгласаа африканското барање – светот да одлепи. Сите фатија да ја менуваат географијата – Трамп си го присвои езерото Онтарио и го преименува во Америка, Канада се налути, па тргна да се зачленува во Европската Унија, ене ја и Австралија ќе го следи канадскиот пример, на Северна Ирска, Велс и Шкотска им пукна филмот, одлучија да ја напуштаат Велика Британија, Израел ќе му го враќа Фокланд на Аргентина, САД му се качија на Гренланд, па сега воено ќе владеат со мразот, пингвините и Ескимите. Кај нас само СДСМ се држи до овој модерен геополитички тренд – територијални промени и силување на географијата – упорно инсистира враќање на санстефанска Бугарија во географските карти на безумноста.
Кога сме кај Нордистан, видов наслов – ќе се градат четири трговски центри низ државата. И штама. А бе никој на мрежите да крене глас, да крикне: ние сме земјоделска земја, не ни требаат молови, сакаме да садиме краставици и патлиџани. Помислив јас да бидам тој што ќе каже дека ние сме интелектуално-експертска земја, не сакаме молови – дајте ваму нови библиотеки, книжарници, научно истражувачки центри, ама сфатив дека ако почнам со таква кампања, ќе ми се накачи раја, ко САД на Гренланд, со муабетот – кој мој ти е бе, Русјаков (?), на овој напатен народ што живее, не еден, ами два живота – во првиот од сабајле до вечер ’рмба на нива, во вториот, од мрак до зори, на мрежите, експертски оправа политички, општествени, еколошки, климатски, морални, интелектуални и емотивни проблеми – ти сакаш да му го одземеш она малку задоволство што го нудат моловите – да излезе на кафе, да прошета, да остави деца во игротека, да флертува пред излози и низ бутици да шопингува, па уште планираш да го напикаш по библиотеки и книжарници за да се изгуби во непостојни светови – само со една цел – да го оддалечиш од реалноста за да не може да влијае на секојдневните текови и промени. И какви сега научни истражувачки центри, сè е веќе истражено – ѕирни на мрежите.
Ама знам јас дека не сум во тек со стварноста, свесен сум дека историјата ќе ме отпише, а иднината не ме запишува, сум фатил да дробам за духовна екологија, додека светот ја свири својата најблескава материјалистичко, потрошувачка консумерска симфонија – патем, душата не ни ги плаќа сметките и што тоа имам против телесните задоволства на оние што се пронашле себе и се облекле во најдобрата своја верзија – па конечно, поучени од инфлуенсери, лајф коуч гуруа и тренери, успеале да го зграпчат денот и да ја прошетаат својата пелцувана убавина, да се надградат себе со нова тура скапи брендирани парталчиња и потоа, од салони за убавина до кафулиња, да споделат високоморална сеекспертска себепромоција поткрепена со факти во облик на селфија, додека нивните прекрасни деца, преку кршење паркови, превртување контејнери и снимање како прават булинг врз копиљаци што го заслужуваат тоа (оти грди се и отскокнуваат од зацртаните правила) – го искажуваат својот гнев против трулиот систем што ги малтретира со некакви глупи тестови коишто секако не можат да ги поминат, бидејќи што ќе им се книги и знаење кога „мама и тато два реда немаат прочитано, ама во сè се разбираат и со сета своја брендирана убавина, види колку далеку дотуркаа“. Затоа, баталете ме, мојот измрцварен ум просто не успева да го зграпчи цајтгајстот за цицка кога конечно природната глупост и вештачката интелигенција станаа едно додека смртта не ги раздели, не умее да го фати бранот на сеопштата еуфорија на високоморалната експертска себепромоција, јас сум просто еден обичен циничен намќор кој само гадно мрчи, војувајќи со сопствените фрустрации, оти не поседувам висок морал, експертски ум и брендирана убавина.
А додека јас војувам со себе, светот упорно инсистира на војна, ама вистинска, со војски, фронтови и нуклеарна ерекција. Некои велат дека третата светска војна веќе почнала, сега засега на одредени точки на планетата, со тенденција да се прошири и да стане глобална заебанција. Британија им порача на своите граѓани да складираат храна, затоа што војната наближува. Естонија со својата моќна неколкуилјадна армија ѝ се закани на Русија дека ќе ја столчи за 48 часа. На тоа се надоврза полскиот вицепремиер, кој објасни дека НАТО воено ќе ја прегази руската армија. Москва веднаш врати дека Варшава за два дена ќе ја снема. Истото му го порачаа и на Лондон, со Естонија, мислам, не се гњавеа. Во меѓувреме се случуваат сомнителни инциденти со дронови, налик на оние непосредно пред Втората светска војна. ЕУ паралелно квичи и вреска, топорејќи се да војува со Русија – освен Урси и Каја, гласен е и Мерц, кој очигледно го пукаат бед-трипови, па халуцинира дека е Карл фон Клаусевиц. Пријател ме праша – кој ќе го натера денес европскиот граѓанин да војува, на што веднаш одговорив – тој што без проблем го напика дома во карантин, исто така ќе го качи и на воен транспортер.
И Балканот се вооружува, патем токму сега некому му текна да крева меѓуетничка тензија, а секому му е јасно дека во такви случаи кај балканските народи многу брзо расте воената ерекција за сметка на брзиот пад на природната интелигенција. Блискиот Исток не запрал да гори, конечно и Иран е во приказната, а богами нешто гадно се спрема и меѓу Израел и Турција. Кина трпеливо чека, ама не запира да се вооружува. Големата гадна беља е на дофат од раката и никој веќе не учи од минатото кога полесно е да се дрочи за иднината. А кога војната на модерниот човек ќе му се напика в постела, секако нема да биде спремен за неа, ама сигурно ќе ја пречека дотеран.
А Македонија – опкружена со аздисани соседи спремни веднаш да ни ја распарчат приказната, затоа што секогаш нè гледале како дел од својата територија? Македонија стана Нордистан, приврзок на НАТО и со чест на исклучоци, никој со прст не мрдна да го спречи идентитетскиот холокауст, ама имајќи предвид дека новопечените НАТО-нордистанци, речиси сите се воени експерти, јасно е дека ќе станеме дел од моќната нордистанско-естонска ударна бригада и сите херојски ќе загинеме пред да стигнеме на фронт, од настинки поради студот – мултивитамините сигурно ќе ни бидат со истечен рок – па ќе ги оставиме Естонците сами да ја прегазат Русија.
































