Да му дадеме шанса на младиот соработник

Морам да ви кажам за најмладиот „соработник“ во редакцијата, кој деновиве работи сѐ и сешто без поговор, останува прекувремено, ги слуша сите новинари и им извршува разни задачи, со што на моменти се чини дека е и премногу зафатен додека пребарува податоци, симнува снимени интервјуа, преведува текстови, прави илустрации за главните теми во весникот… Навистина е сестран и талентиран. Извесно време волонтираше, а сега прима скромен хонорар. Сето тоа е навистина во негова полза како работник.
Ама, има една голема мана. Честопати греши, што никако не е добро. Па ајде, ќе си кажете, нов е, му даваме премногу работа, треба да му се прогледа низ прсти, да се има трпение со него, особено зашто е вреден, учтив и презема одговорност, а допрва ќе се усовршува и развива.
Но морам да признаам дека на моменти знам да бидам остар и критичен кон него, да му кажам дека вака не оди и дека нема да му давам работа, ако продолжи да ги прави истите грешки. Тој го прифаќа тоа, се извинува, ми вели дека сум во право и ветува дека ќе се обиде да ми даде подобри резултати.
Ги признава грешките. Го прашав директно „дали мислиш дека работиш доволно добро ако постојано правиш грешки при бараните податоци што ми ги даваш“, на што тој ми одговори „не – ако постојано давам грешни податоци, тоа значи дека не ја извршувам задачата доволно добро. Во право си да очекуваш точност, особено кога бараш конкретни и проверливи информации. Од моја страна треба да бидам попрецизен: да ги проверувам актуелните податоци кога е потребно и јасно да кажам кога нешто не можам да го потврдам наместо да претпоставувам“.
Ако стекнавте симпатии кон нашиот соработник додека го читате овој текст и ми се лутите мене или на редакцијата за нашиот однос кон него и за начинот на кој го третираме, морам да ви откријам дека не станува збор за тазе дипломиран новинар почетник, туку за еден од моделите на вештачка интелигенција (ВИ), чија употреба станува секојдневие при користењето интернет, не само во новинарството туку во сите сфери на работење. ВИ се користи во медицината, на пример, за дијагностика и за помош на хирурзите при оперативни зафати, во модерните фабрики за автоматизација на процесите на производство и нивна контрола, во воени цели, за обука и планирање, за откривање и следење потенцијални закани преку анализа на сателитски снимки, управување со беспилотни летала… Примената е навидум неограничена и дополнително се проширува, со што може да се заклучи дека има реална корист од вештачката интелигенција наспроти ризиците и недостатоците.
Кога ќе се земе предвид сѐ, јасно е дека ентузијазмот го следи и сомнеж, како што веројатно е случај со секоја нова технологија.

Впрочем, вештачката интелигенција претставува една од главните теми при заседавањето на Обединетите нации неделава, односно се најде пред Советот за безбедност каде што водечките светски експерти од оваа област предупредија за ризиците што ги претставува оваа сè помоќна технологија за човештвото, апелирајќи до националните влади да работат заедно за да управуваат со неа, за да не дозволат таа евентуално да се оттргне од контрола. Вештачката интелигенција се најде и на агендата на состанокот помеѓу претседателите на САД и на Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг, што се одржа неделава Вашингтон, што е исто така очекувано бидејќи тие ги предводат двете водечки сили во развојот на оваа технологија. Кога веќе сме кај политиката и вештачката интелигенција, британскиот неделник „Економист“ објави истражување за нејзината примена од страна на британските парламентарци за пишување на нивните говори, при што некои од посочените народни претставници ја признаа употребата, а други се чувствуваа посрамено, како да станува збор за некое табу во денешното општество.
Во светски рамки се водат разни дискусии за нејзината примена, развој, ризиците, потребите за контрола и регулација, земајќи ја предвид нејзината моќ која постојано се зголемува. Јас лично, се обидувам да не се потпирам премногу на ВИ, особено кога не сум притиснат од временски рокови, со што истовремено ги прифаќам нејзината употреба и користа што ја овозможува. Такво е денешното време.
Единствено сум сигурен дека таа не може да ги замени новинарската идеја и креативност. Желбата да се пишува, како што велиме во новинарската професија, од „поинаков агол“, односно да се пренесе нешто ново и невообичаено, што јавноста нема да го забележи при следење на одреден настан. Да се пишува за нешто што не се забележува на прв поглед, туку за нешто што го осмислил, го видел и го дознал само новинарот. Се разбира дека овој начин на работа бара повеќе труд, размислување и вложено време, но наградата доаѓа во квалитетна и интересна содржина. Нескромно можам да се пофалам дека на таква содржина инсистираме во „Нова Македонија“. Затоа ние сакаме да кажеме дека правиме неделник на страниците на дневен весник. Со анализи, проблемски теми, интервјуа, компилациски текстови со информации од повеќе извори и соговорници, односно на сѐ што опфаќа пишувањето од „поинаков агол“.
Да, ќе ја применуваме модерната технологија, ќе бидеме во чекор со времето и напредокот, но без да отстапиме од стандардите на квалитетното новинарство. А што се однесува до младиот соработник, ветувам дека ќе имам повеќе трпение, бидејќи верувам дека ќе продолжи да напредува и да се развива, па и помалку да греши, без притоа да ја загуби работната етика. Заслужува да му дадеме шанса.