Премиерот Христијан Мицкоски денеска имаше обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации. Го пренесуваме интегрално.
„Господине претседателе,
Господине генерален секретар,
Ваши екселенции,
Дами и господа,
Дете кое оваа есен за првпат ќе седне во училишна клупа, во 2040 година ќе биде млад човек на прагот на зрелоста. Не знаеме точно како ќе изгледа светот во кој ќе живее. Но веќе знаеме дека ќе биде поинаков од нашиот.
Вештачката интелигенција ќе ги преобрази професиите, индустриите и начините на кои се носат одлуките. Енергетиката ќе функционира според нов распоред и нова логика. Климатските промени ќе влијаат врз економиите, земјоделството, градовите и движењето на луѓето. Демографските промени ќе ги преобликуваат пазарите на трудот и системите за социјална заштита. Безбедноста повеќе нема да зависи само од армиите и границите, туку и од електроенергетските мрежи, дата центрите, каблите, сателитите, алгоритмите и довербата во информациите што ги добиваме секој ден.
А сепак, денес, додека се подготвуваме за таа иднина, милиони луѓе живеат среде војна или под закана од војна. Повеќе од сто милиони луѓе се присилно раселени. Повеќе од 270 милиони деца и млади не посетуваат училиште.
Тоа е парадоксот на нашето време. Човештвото никогаш немало толку големи научни и технолошки можности. А сепак, никогаш не било поочигледно дека технолошката моќ не создава автоматски и политичка мудрост.
Затоа вистинското прашање пред ова Собрание не е само како ќе управуваме со кризите во 2026 година. Вистинското прашање е: каков меѓународен поредок ќе ѝ оставиме на генерацијата што денес тргнува на училиште?
За мала земја како мојата, ова не е академско прашање. Ова е прашање на опстанок.
Пред триесет и три години, кога станавме дел од Обединетите нации, светот изгледаше многу поинаку. Студената војна беше завршена. Постоеше надеж дека започнува нова ера — ера во која соработката постепено ќе го замени судирот.
Нашиот регион, меѓутоа, живееше во сосема поинаква реалност. Југославија се распаѓаше во крвопролевање. Војни се водеа непосредно зад нашите граници. Стравот дека насилството може да се прошири беше реален.
А сепак, мојата земја го избра мирот. Ја избра стабилноста. Во тие околности, на наша територија, Обединетите нации направија нешто што дотогаш никогаш не го беа направиле: ја воспоставија првата превентивна мировна мисија во историјата на Организацијата.
Тоа искуство остави длабока поука во нашата национална меморија, поука на која ќе се навратам кон крајот на моето обраќање.
Мирот не започнува кога војната ќе заврши. Мирот започнува кога политиката е доволно мудра да спречи војната воопшто да започне.
Можеби затоа малите земји понекогаш поинаку гледаат на меѓународната политика.
Големите сили имаат простор за стратешки пресврти што малите држави едноставно го немаат. За голема сила, погрешна геополитичка проценка може да значи промена на стратегијата. За мала земја, истата грешка може да значи изгубена деценија.
Затоа не можеме да си дозволиме да бидеме рамнодушни кон правилата. Ниту можеме да веруваме дека правилата сами ќе се одбранат.
Светот што се обликува пред нас е свет на поостра конкуренција. Моќта се прераспределува. Односите меѓу големите сили сѐ повеќе ги обликуваат трговијата, технологијата, енергетиката, критичните суровини, транспортните правци и дигиталната инфраструктура.
Она што до вчера го нарекувавме економска меѓузависност, денес сѐ повеќе го гледаме и како прашање на национална безбедност. Глобализацијата не исчезнува. Таа се преобликува. Синџирите на снабдување се менуваат. Производството повторно станува геополитичко прашање.
Државите не прашуваат само каде нешто може да се произведе најевтино, туку и кому може да му се верува; не само од каде доаѓа енергијата, туку и дали ќе биде достапна кога ќе настапи криза; не само кој ја развива следната генерација технологии, туку и кој ќе ги постави правилата според кои тие ќе функционираат.
И сојузите се менуваат под притисокот на истиот тој свет.
Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба.
Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија.
Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност.
Но јасноста во нашите сојузи не значи вртење грб на светот. Напротив. Токму држава што е сигурна во своите демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да разговара и да соработува со земји што имаат поинаква историја, поинакви интереси и поинакви политички погледи.
На светот не му е потребна уште една поделба на трајни табори. Потребна му е конкуренција со граници и со правила што сите мора да ги почитуваат. Сојузи што преземаат одговорност. И меѓународни институции што остануваат простор за дијалог токму тогаш кога дијалогот е најтежок.
Затоа Обединетите нации се важни.
Не затоа што можат да го решат секој конфликт. Очигледно, не можат. Не затоа што секоја резолуција се спроведува. Очигледно, тоа не е секогаш случај.
Но тоа не треба да нѐ обесхрабри. Треба да ја зајакне нашата решеност да ги заштитиме Обединетите нации и правилата врз кои се засновани, и да се залагаме за мултилатерализам втемелен врз вредности, заемна почит и правила.
Зашто свет без место каде што сите држави, без оглед на нивната големина, можат да седнат под ист покрив и да се повикаат на истите принципи би бил уште поопасен од светот што го гледаме денес.
Во 1954 година, Даг Хамаршелд нѐ потсети на една мисла: Обединетите нации не се создадени за да нѐ одведат во рајот, туку за да нѐ спасат од пеколот.
Седум децении подоцна, важно е да ја разбереме суштината на таа изјава. Од Обединетите нации не треба да бараме совршенство. Треба да бараме да бидат делотворни.
Да имаат способност да спречуваат и да посредуваат. Способност да го штитат човечкото достоинство. И, конечно, способност да ги одбранат принципите дури и кога нивната примена е политички незгодна.
Денес довербата во меѓународниот систем е загрозена токму затоа што премногу луѓе оправдано чувствуваат дека правилата не важат еднакво за сите. Дека моќта понекогаш има предност пред принципот. Дека обврските се условни. Дека договорите траат само додека интересите остануваат непроменети.
За малите држави, ова е особено опасен свет.
Нашата историја нѐ научи дека меѓународните компромиси се многу тешки и дека мирот, стабилноста и интеграцијата бараат политичка храброст и големи жртви.
И без намера да звучам поучувачки, ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право — нешто што многумина го земаат здраво за готово — доволно е да погледне во поновата историја на мојата земја.
Историја обележана со предизвици, со безбедносни ризици од регионални размери, со постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и повисоките цели на интеграцијата — често по цена на нашето најосновно чувство за достоинство и правда.
Донесовме навистина тешки одлуки. Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку што една генерација граѓани можеше разумно да очекува.
Но токму затоа, гледајќи на тие одлуки со временска дистанца и со јасна свест за реалноста, денес можам одговорно да кажам дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска.
Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Ако од кандидатите за членство во една организација се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок. Ако бараме од граѓаните да им веруваат на институциите, тогаш институциите мора да покажат дека нивниот збор има вредност и дека преземените обврски траат.
Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите. И преземената обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина.
Од нашите граѓани бараме да веруваат во соработката, во добрососедските односи, во компромисот и во заемната почит.
Им велиме дека трајниот мир вреди повеќе од краткорочна политичка победа; дека почитувањето на договорите е знак на сила и мудрост, дека тоа е правилната постапка, а не знак на слабост; дека европската и евроатлантската интеграција значат прифаќање правила што важат еднакво за сите.
Но тој аргумент станува многу потежок за одбрана кога граѓаните гледаат дека во меѓународните односи принципот понекогаш ѝ отстапува место на моќта; дека критериумите можат да се сменат додека процесот веќе трае; или дека од едни се очекува доследност што другите не ја бараат секогаш од себеси.
Не можеме да им велиме на луѓето „Верувајте им на правилата“, кога гледаат дека правилата не важат еднакво. Не можеме да ги убедиме дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање. И не можеме да очекуваме доверба во меѓународните институции ако граѓаните почнат да веруваат дека нивната судбина почесто ја одредува политичката тежина на нивната држава отколку силата на заеднички прифатениот принцип.
Ова е прашање на легитимитет.
Зашто нашиот авторитет како избрани лидери не произлегува од самата функција. Тој произлегува од луѓето што нѐ избираат, што бараат од нас одговорност и што секој ден го споредуваат она што им го кажуваме со она што го гледаат.
А денес тие гледаат повеќе од кога било порано.
Живееме во време во кое информациите го обиколуваат светот за неколку секунди. Никогаш порано човештвото немало пристап до толку многу знаење. Но никогаш порано не било изложено на толку многу манипулации, полувистини, фабрикувани слики, пропаганда и организирани дезинформации.
Токму затоа политиката влегува во нова, потешка и посложена ера.
Нашата задача повеќе не е само да ги информираме граѓаните. Мора да ја заслужиме нивната доверба.
Не е доволно да им кажеме што е вистина. Мора да изградиме институции на кои ќе можат да им веруваат и кога вистината е непријатна за сите. Не е доволно да им зборуваме за вредности. Мора да покажеме дека тие вредности имаат значење и дека нивната одбрана има цена — дури и кога бара трпение, политички капитал или избор на потешкиот пат.
Повикани сме да ги убедиме нашите општества дека соработката е подобра од изолацијата, дека владеењето на правото е подобро од едностраното постапување, дека компромисот е подобар од конфликтот и дека институциите се подобри од владеењето на голата сила.
Но за тоа уверување да има тежина, и самите мора да бидеме доследни.
Вредностите не се одржуваат со говори. Тие се одржуваат кога се бранат токму во моментот кога е најлесно да се напуштат.
А тоа можеби е најголемиот предизвик на нашето време.
Светот се менува со извонредна брзина. Центрите на моќ се поместуваат. Технологијата се менува. Економските односи се менуваат. Безбедносните доктрини се менуваат. Сојузите се менуваат. Историјата повторно забрзува.
Во такви периоди, секогаш постои искушение да се прогласи дека старите принципи повеќе не се практични; дека правото мора да се приспособи на моќта; дека вредностите се луксуз што може да почека додека кризата не помине.
Но токму тогаш ни се најпотребни.
Зашто ако во време на промени се откажеме од правилата што нѐ штителе во време на стабилност, нема да добиеме поголема слобода. Ќе наследиме свет во кој секоја следна одлука ќе зависи од тоа кој има повеќе моќ во дадениот момент.
А таков свет е особено опасен за малите држави.
Затоа нашата должност како лидери не е да им ветуваме на нашите народи свет без неправда, без разочарувања и без спротивставени интереси. Таков свет не постои.
Нашата должност е многу потешка.
Да ја зачуваме вербата во правилата дури и кога е јасно дека тие се прекршуваат. Да ја браниме соработката дури и кога судирот изгледа попопуларен. Да ја одржиме довербата во институциите, не така што ќе бараме од луѓето помалку внимателно да гледаат и да поставуваат помалку прашања, туку така што ќе ги направиме институциите подостојни за нивната доверба.
И да не дозволиме разочарувањето од несовршеностите на меѓународниот поредок да нѐ одведе кон нешто многу полошо: свет во кој воопшто нема поредок.
Тоа, според мене, е една од најголемите политички и морални одговорности на нашата генерација.
Тоа важи за меѓународниот систем. И важи за Европа.
Нема да се откажеме од европската идеја затоа што европскиот пат беше тежок. Европската Унија за нас останува нашиот природен политички, економски и институционален дом.
А имаме работа и дома. Мора да го зајакнеме владеењето на правото. Да изградиме поефикасни институции. Да изградиме поконкурентна економија. И да ја зајакнеме довербата на граѓаните во сопствената држава.
Тоа е наша одговорност и нема да ја префрлиме на Брисел.
Истовремено, очекуваме европската интеграција да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми — а не процес во кој билатералните прашања постојано можат да ја поместуваат целта.
Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди.
Ова е еднакво важно и за кредибилитетот на Европа, во време кога нејзината геополитичка тежина сѐ повеќе ќе зависи од способноста своите заложби да ги претвори во конкретни политички резултати, од решеноста да ги брани вредностите за кои се залага и да остане истрајна во нивното унапредување, и покрај многуте предизвици со кои се соочува.
Ваши екселенции,
Идниот меѓународен поредок нема да се обликува само на боиштата или во дипломатските сали. Ќе се обликува и во лабораториите. Во училиштата. Во фабриките. Во енергетските мрежи. Во дата центрите. И во способноста на општествата да ги разберат промените што ги носи технологијата.
Вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината. Таа е инфраструктура на сегашноста.
Денес светот повторно ја препознава вредноста на отпорноста. На сигурната енергија. На инфраструктурата. На разновидните транспортни правци. На блиските и доверливи синџири на снабдување.
За нас, интензивниот развој на коридорите VIII и X е дел од поширока европска визија: подобро да се поврзат Јадранското, Црното и Егејското Море со Централна Европа; на стоките, енергијата и луѓето да им се обезбедат повеќе патишта и подобра поврзаност; и регионот да стане инфраструктурно поврзан, наместо да остане на геополитичката периферија.
Нашата географија не мора да биде наша судбина. Таа може да стане наша предност ако ги изградиме институциите и инфраструктурата што ќе ја претворат нашата географска положба во поврзаност.
Истовремено, мора поинаку да пристапиме и кон миграцијата.
Миграцијата започнува таму каде што нема безбедност, вработување, образование, пристап до вода, перспектива или верба дека утрешниот ден ќе биде подобар од денешниот. Таа не е само прашање на граници. Одговорната политика мора да ги поврзе безбедноста, човечкото достоинство, развојот и реалните потреби на пазарите на трудот.
И климатската политика ќе мора посилно да се потпира на реалноста.
Зелената транзиција е неопходна. Но ако ја направиме социјално неодржлива, ќе ја изгубиме политичката поддршка потребна за нејзино спроведување. Ако ја направиме технолошки зависна од мал број извори, ќе создадеме нови предизвици додека ги решаваме старите. Ако очекуваме посиромашните земји да се движат со исто темпо, без да им обезбедиме еднаков пристап до капитал и технологија, ќе создадеме неправда наместо транзиција.
Затоа идната климатска политика мора истовремено да биде и еколошка, и економска, и социјална политика.
Господине претседателе,
Сето ова нѐ враќа на централната тема на ова заседание: довербата.
Довербата не е чувство што може да се создаде со усвојување резолуција. Таа е резултат. Се гради кога институцијата ја исполнува целта за која е основана.
Затоа реформата на Обединетите нации е неопходна. За Организацијата да стане поспособна. За да постигнува подобри резултати. И секако, не за да ја замени одговорноста на националните држави, туку за да дејствува таму каде што е потребно заедничко дејствување.
Мултилатерализмот не започнува во Њујорк. Тој започнува со квалитетот на државите што доаѓаат во Њујорк.
Ваши екселенции,
Ние сме мала земја. Но одбиваме големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција.
Нашата амбиција е да станеме сериозна држава. Држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат. Држава во која младите можат да ја планираат својата иднина. Држава што ги почитува различноста и мултикултурниот карактер на своето општество. Држава доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите. Држава што ја знае својата историја, но не е заробена во неа. И држава што не очекува другите да ја изградат наместо неа.
За мене, тоа е современ суверенитет. Не изолација. Способност.
Оваа година, генералниот секретар Антонио Гутереш нѐ потсети дека Повелбата започнува со зборовите: „Ние, народите“. И додаде: „Не ние, моќните. Не ние, победниците“.
Во тие неколку зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во оваа Организација, дури и кога е разочарана од неа.
Зашто алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни. Тоа е свет во кој најсилните се најслободни. А сите други зависат од нивната добра волја.
Таков свет можеби за миг може да изгледа ефикасен. Но никогаш не е стабилен.
Пред околу три децении, Обединетите нации дојдоа во нашата земја со нова идеја: дека меѓународната заедница не мора да чека насилството да започне пред да дејствува.
Денес повторно ни е потребна истата политичка мудрост.
Не смееме да чекаме технологијата да создаде нови нееднаквости пред да воспоставиме правила. Не смееме да чекаме младите да заминат пред да изградиме општества во кои ќе гледаат иднина за која вреди да останат. Не смееме да чекаме институциите да ја изгубат сета доверба на јавноста пред да ги реформираме. И не смееме да чекаме светот целосно да се подели на спротивставени блокови пред повторно да ја откриеме вредноста на дијалогот.
Тоа дете со кое го започнав моето обраќање ќе биде четиринаесет години постаро кога светот ќе влезе во 2040 година.
Никој од нас денес не може да му вети на тоа дете мирен свет. Ниту свет без кризи. Ниту свет без конкуренција.
Но можеме да му оставиме нешто друго.
Свет во кој моќта не е единствениот аргумент. Свет во кој знаењето не е привилегија на малкумина. Свет во кој сојузите создаваат безбедност, наместо нови линии на страв. Свет во кој технологијата му служи на човештвото. И свет во кој мала држава има право на истото достоинство, на истите правила и на истиот глас како и голема сила.
Тоа е ветувањето што вреди да се обнови.
Не затоа што сме наивни во поглед на светот таков каков што е. Туку затоа што сме доволно реални да разбереме што се случува кога светот ќе се препушти само на моќта.
Македонците и македонските граѓани ќе го преземат својот дел од одговорноста“.
Ви благодарам.

































