Системот „Безбеден град“ од 12 октомври ќе почне да се применува и на подрачјето на СВР Охрид, односно во Охрид, Дебар, Кичево и Струга, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при посетата на СВР Охрид и Регионалниот центар Запад.
Тој информира дека подготовките се во завршна фаза, а во следните две недели треба да се завршат преостанатите активности поврзани со командниот центар и спроведувањето на системот.
– Се наоѓаме во завршната фаза и начелно се договоривме со началниците дека до 12 октомври ќе бидеме подготвени да почнеме со практична примена на „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Охрид. Ги известуваме граѓаните, особено жителите на Охрид, Дебар, Кичево и Струга, дека од тој датум почнува примената на системот – рече Тошковски.
Тој потсети дека „Безбеден град“ во државата е во функција од 1 февруари годинава, по што следувал период на приспособување од два и пол месеци. Во тој период граѓаните биле известувани за сообраќајните прекршоци, а системот бил тестиран и унапредуван.
Според Тошковски, во споредба со истиот период минатата година, бројот на повредени во сообраќајни несреќи е намален за 20 отсто, додека бројот на загинати е помал за 34 лица.
– Тоа се 34 семејства во државата. Мислам дека станува збор за значаен резултат што го постигнавме сите како граѓани на Македонија – рече Тошковски, заблагодарувајќи им се на граѓаните што со почитувањето на сообраќајните правила придонесуваат за спасување човечки животи.
Министерот информира и дека со Европската Унија е договорено припадници на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража „Фронтекс“, покрај на јужната, да бидат присутни и на западната граница.
– Очекуваме заедничките активности да почнат до крајот на годинава, со што ќе имаме подобра контрола на целокупната граница, особено на границата со Албанија – рече Тошковски.
Во однос на условите за работа во СВР Охрид, тој посочи дека е планирано службите да бидат префрлени во нов објект во поранешната касарна во градот. Во него подоцна треба да биде дислоциран и командниот центар на системот „Безбеден град“, кој дотогаш ќе функционира во објектот на Регионалниот центар Запад.
Опремата и ресурсите поврзани со системот во иднина ќе бидат префрлени во новиот објект, додека реновираните простории во Регионалниот центар Запад ќе продолжат да се користат за други потреби на полицијата.
Главната зграда на СВР Охрид е дотраена и е предвидена за уривање. Според плановите на локалната самоуправа, на нејзино место треба да се изгради подземна гаража, а над неа плоштад со хортикултурно уредување.
































