Европската комисија отвори пет постапки за прекршување против Бугарија поради ненавремено пренесување на европските правила во националното законодавство. Постапките се однесуваат на спречувањето перење пари, контролата на новите психоактивни супстанции, правото на поправка на производите, индустриското загадување и пазарот на водород, јави БТА.
Бугарија е меѓу 18-те земји-членки што не ја известиле Комисијата дека целосно ги вовеле заедничките правила за борба против перењето пари, иако рокот истекол на 10 јули.
Со новите правила треба да се обезбеди пристап до регистрите на вистинските сопственици за надлежните органи, саморегулаторните тела, обврзаните субјекти и лицата што имаат законски интерес. Целта е поголема транспарентност на сопственичките и контролните структури на компаниите и поефикасно откривање финансиски злоупотреби.
Втората постапка се однесува на невоведувањето три нови психоактивни супстанции – 2-MMC, NEP и 4-BMC – во националната дефиниција за наркотик. Покрај Бугарија, рокот до 12 јули не го испочитувале уште седум земји-членки. Со измените, овие супстанции треба да бидат опфатени со правилата за кривични дела и казни за незаконска трговија со наркотици.
Комисијата отвори постапка и поради доцнењето со воведувањето на европските правила за поправка на производите. Тие им овозможуваат на потрошувачите да бараат поправка на паметни телефони, машини за перење, фрижидери и други производи и по истекот на законската гаранција. Производителите треба да ја понудат услугата по разумна цена и во разумен рок.
Бугарија е опфатена и со постапката отворена против сите земји-членки поради ненавремено воведување на правилата за ограничување на загадувањето од индустриските постројки. Новите одредби ја ограничуваат употребата на опасни хемикалии и воведуваат право на надомест за штета врз здравјето предизвикана од незаконско загадување.
Петтата постапка се однесува на европските правила за пазарот на водород. Бугарија е меѓу 26-те членки што не ја известиле Комисијата дека целосно ги пренеле правилата во националното законодавство до предвидениот рок – 5 август. Единствено Италија навреме ја исполнила оваа обврска.
Правилата, усвоени во 2024 година, треба да го олеснат влезот на обновливите и нискојаглеродните гасови, вклучително и водородот, на европскиот енергетски пазар.
Европската комисија им испрати писма со формално известување на земјите опфатени со постапките. Тие имаат рок од два месеца да одговорат и да ги отстранат утврдените недостатоци. Доколку одговорите не бидат задоволителни, Комисијата може да премине во следната фаза и да испрати образложено мислење.
































