КОШАРКА
МЗТ Скопје ќе атакува на деветтиот, а Куманово на првиот трофеј во Суперкупот
Кошаркарите на МЗТ Скопје и на МКК Куманово (утре од 18 часот со директен пренос на МРТ), во спортската сала во Куманово ќе играат за трофејот во Суперкупот на Македонија „Драган Василов-Цевка“. МЗТ Скопје ќе настојува да го освои деветтиот, а Куманово првиот ваков трофеј. Во согласност со системот на натпреварување, во Суперкупот се среќаваат шампионот и освојувачот на Купот на Македонија. Бидејќи МЗТ Скопје во сезоната 2025/2026 ги освои и титулата и Купот на Македонија, негов противник во Суперкупот е Куманово, финалистот во Купот на Македонија. Со овој дуел официјално ќе биде означен и почетокот на новата сезона во македонската кошарка. Во првенството, по завршувањето на првиот дел, по одиграните 18 кола, најдобрите шест екипи ќе продолжат понатаму да разигруваат за титулата, а другите четири екипи ќе играат за опстанок во елитното друштво. Г.И.
ОДБОЈКА
Наковски Волеј ќе биде домаќин на годинашниот БВА-куп
Македонскиот вицешампион во женска конкуренција, Наковски Волеј, ќе биде домаќин на годинашниот БВА-куп, кој се игра под покровителство на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА). По дебито во Европа минатата сезона, Наковски Волеј сега повторно ќе ги проба своите играчки можности на меѓународната сцена, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). БВА-купот ќе се игра од 6 до 8 октомври во салата „Парк“ во Струмица, каде што Наковски Волеј ќе ги пречека екипите на ЦСКА од Софија (Бугарија), Дрита Гњилане (Косово) и Олимпијакос (Грција). Победникот на БВА-купот ќе обезбеди пласман во првата рунда од Челинџ-купот на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), со оглед на тоа дека има улога на зонски клупски претквалификации во рамките на ова европско клупско одбојкарско натпреварување. Г.И.
НФЛ-лигата ќе го има своето деби на стадионот „Маракана“
Стадионот „Маракана“ со капацитет од 78.000 седишта е почитуван фудбалски објект што бил домаќин на финалиња на светските првенства, натпревари за златни олимписки медали за мажи и за жени и на голем број мечеви меѓу најголемите репрезентации во Јужна Америка. В недела Балтимор и Далас на тој стадион ќе го играат првиот натпревар на НФЛ-лигата во Рио де Жанеиро, еден од рекордните девет натпревари во странство во распоредот на лигата за сезонава, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Изграден за Светското првенство во 1950 година, стадионот „Марио Фиљо“ во северниот крај на градот е универзално познат како „Маракана“ поради реката што тече зад него, а на тој стадион сега играат бразилските фудбалски гиганти Фламенго и Флуминенсе, пишува АП.
– Ова има совршена смисла за НФЛ, зајакнувајќи ја нашата посветеност кон Бразил. Домаќинството на натпревар на Маракана ќе биде историско, искористувајќи сѐ што Рио има да им понуди на локалното население, Бразилците, меѓународните посетители и на НФЛ – изјави за АП Луис Мартинез, генерален менаџер на НФЛ Бразил.
Мечеви од НФЛ-лигата во Бразил се играат од 2024 година, а двата претходни натпревара беа на арената „НеоКвимика“ со 48.000 седишта во Сао Паоло, каде што двата меча беа распродадени, пишува АП. Н.М.
































