Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Можеби ако во иднина бидам дел од МЛС-лигата, тоа ќе биде можност каде што би можело да се поврзат двете нешта. Тоа е нешто што ќе се обидам да го разгледам малку посериозно. Сѐ зависи од тоа што ќе се случи со мојата кариера во следните пет или шест години, од мојата мотивација и од она што ќе сакам да го правам, рече Кејн, долгогодишен обожавател на Том Брејди, пренесе АП

Долгогодишната желба на англискиот фудбалски великан Хари Кејн да биде шутер во НФЛ-лигата во американски фудбал доби појасна форма откако тој ја изнесе идејата да го комбинира тоа со приклучување кон клуб во фудбалското првенство на САД, МЛС-лигата, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Кејн во моментов поставува рекорди во германскиот фудбалски првак Баерн по извонредна сезона со 73 гола, со која е во конкуренција за освојување на „Златната топка“ на доделувањето на наградите во Лондон. Сепак, капитенот на репрезентацијата на Англија гледаше кон иднината во САД, во пресрет на дуелот во кој Германија треба да го пречека светскиот фудбалски шампион Шпанија, утре, во првото коло на новата сезона во Лигата на нациите.
– Можеби ако во иднина бидам дел од МЛС-лигата, тоа ќе биде можност каде што би можело да се поврзат двете нешта. Тоа е нешто што ќе се обидам да го разгледам малку посериозно. Сѐ зависи од тоа што ќе се случи со мојата кариера во следните пет или шест години, од мојата мотивација и од она што ќе сакам да го правам – рече Кејн, долгогодишен обожавател на Том Брејди, пренесе АП.
Поранешниот напаѓач на англискиот Тотенхем ја спореди вештината на шутирање во НФЛ со изведувањето пенали во фудбалот.

– Изведувам пенали и тоа е многу сличен притисок, техника. Ако го правев тоа, во однос на тренингот, ќе бев поблиску до тоа повеќе од кој било друг спорт. Ако требаше да го правам тоа, тоа е нешто што би го сфатил сериозно. Би ми требале можеби шест месеци до една година да се обидам да вежбам претходно. Но, повторно, тоа не ми е во преден план, бидејќи во моментов чувствувам дека сакам да играм што е можно подолго тука – рече Кејн.
Кејн изјави дека е „мошне блиску“ до потпишување нов договор со Баерн, каде што сега е во четврта сезона и со кој освои две титули во Бундеслигата, пишува АП. Н.М.