Меморандум за соработка за воведување и примена на вештачката интелигенција во процесите на Собранието денеска потпишаа Собранието и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оцени дека меморандумот претставува чекор кон помодерно, подигитализирано, поефикасно и потранспарентно Собрание.
– Соработката и потпишувањето на Меморандумот со ФИНКИ означува голем чекор за нас. Пред сè, ова е чекор кон остварување на нашиот сон, на мојот сон и на Собранието кон дигитализирано Собрание. Наоѓаме начин да ги споиме капацитетите на Собранието и ФИНКИ во смисла да ги подобриме и науката и нашата институција – изјави Гаши по потпишувањето на меморандумот.
Деканот на ФИНКИ, Петре Ламески, оцени дека реализацијата на иницијативите на двете институции ќе донесе додадена вредност за општеството.
– Собранието ќе добие квалитетен истражувачки кадар, кој ќе работи на реални проблеми, а нашите студенти ќе работат на реални проблеми во Собранието со реални податоци и со нивната обработка и самите ќе учат и ќе создаваат нешто вредно со кое во иднина ќе се гордеат – изјави Ламески.

































