Авторитет во политиката мора да има, бидејќи тој најчесто е амалгамот што ги држи општествата и државите цврсти, доследни, па дури и демократски, подвлекуваат политичките аналитичари, додавајќи притоа дека и во најразвиените демократии авторитетот е деперсонализиран. Авторитетот што не се темели на суштински демократски легитимитет треба да се оспори.
Убава, но и широка непрегледна тема за оваа есен, вовед во една отворена суптилна дебата започната поодамна, која во нашето плурално живеење и размислување е најчесто присутна во вид на траги, скици и назнаки.
Најпрвин неколку реда за една од можеби клучните причини за трнливиот и сложен пат при создавање, градење и негување авторитети, особено на оние во политичката сфера. Факт е дека сме мала и политички релативно неискусна средина во која граѓаните имаат свои политички уверувања и толкувања. Но факт е и дека уверувањата и толкувањата многу често се изградени како цврст, севкупен и непомирлив поглед на светот. За тоа може да се увериме на секој чекор, при секоја средба, разговор со познати, непознати, со високи академски нивоа и со обичниот свет.
Во старт треба да се подвлече нешто што е видливо со голо око. Нашиот човек едноставно не трпи неистомисленици, а камоли авторитети. Константа, нешто како Земјината тежа, против која е залудно да се војува. Постои само едно, а тоа секогаш се нашето мислење и уверување. Во другите, особено оние политичките, тие не постојат, тоа е темна зона во која се проектираат некакви задни намери, некакви лични интереси, анимозитети, политички скриени игри.
Неможноста за создавање вистински авторитети во политиката во голема мера е резултат и на стилот на однесувањето на голем дел протагонисти на нашата плурална сцена, кои политиката ја сфатија и ја практикуваат пред сѐ и над сѐ како „конјуктурна дејност“. Ароганција, бескрупулозност, корупција, егоистично и неморално однесување. Тоа е дел во низата причини што набрзина ги урнаа нивото и довербата во оваа сфера, за што сведочат многубројните анкети, рејтинзи и анализи, кои понираат до степен на кој се доведува во прашање и самата онтологија на поимот политика.
Тоа од една страна го стеснува просторот и го ограничува дејствувањето на вистинските авторитети, но и ја овозможува и верифицира тезата дека секој во оваа средина може да се поткрене и афирмира како авторитет, особено во конјунктурната и недоволно созреана сфера на политиката.
Ситуација безмалку апсурдна. Процесот на никнување и создавање на политичките авторитети во нашата плурална пракса се трасира со методите на политичкиот шорт-кат и се одвива најчесто врз нереална подлога. Затоа многу од кадровските решенија во нашата политичка практика претставуваат импровизација, дневнополитичка бламажа и, се разбира, навреда за осиромашениот и деградиран електорат со реални последици.
Каков политички авторитет е можен во нашата мала и политички неискусна средина? Опстојува и преовладува мислењето за него како за ниво и човечки формат создадено најчесто од позиција на идеолошка определба, власт, моќ, интерес.
Препознавањето и почитувањето на правите вредности се силно отежнати и поради лажните авторитети, кои јавајќи на бранот на конфузната транзициска реалност, вешто ја избегнуваат вистинската проверка на критериумите и со тоа дополнително ја дезориентираат и отежнуваат детекцијата на вистинскиот авторитет.
Иако преовладува мислењето дека кај нас секој може да се произведе во политички авторитет, малку имаме политички личности во вистинската смисла на зборот, луѓе во чија вредност беспоговорно би поверувале, се разбира во една рационална и поднослива мерка.
Авторитетот пред сѐ треба да ја претставува силата на нечие име изградено низ макотрпна пракса како врвен критериум на вистината, поткрепено со конкретни резултати и достоинство, некој кому нагорниот од и височините не му ги зашеметуваат рефлексот и моралниот човечки интегритет. Некој во кого безрезервно би поверувале и беспоговорно би го следеле до степен на морална и културна подносливост, некој што е подготвен своите економски, научни, уметнички, политички визии и, едноставно, човечки референци да ги вгради во напорите за општото добро, во реална и солидна човечка сегашност и иднина. Таквиот тип авторитет на нашата политичка сцена допрва се наѕира и профилира во ликот на чесни, вредни поединци со резултати, визија и искуство и пред сѐ со висока одговорност и етика, што ќе ја ослободи политиката од сфаќањето за неа како можност за профитерство, кариеризам, зона на бескрупулозни денунцијации, туку пред сѐ како заложба за општо добро, за конструктивна и нормална атмосфера.
Но ако праксата е критериум на вистината, а резултатите на политичкото дејствување се огледаат и верифицираат во реалниот живот, тогаш континуираниот висок рејтинг на извесни политички субјекти и личности и нивното дејствување можеби треба да се сфатат и окарактеризираат како појава на автентичен политички авторитети практичари што се продукт на демократскиот процес, ангажман, конкретни резултати и дејства што се насочени кон т.н.персонализација во политиката.
На тој план следуваат и генерација млади образовани и надарени политичари (од позицијата и опозицијата), кои токму во вителот на историските премрежиња се појавуваат, зреат и трпеливо, но сигурно се исцртуваат и верифицираат како наредни политички авторитети, на кои ќе им веруваме и ќе ги славиме.































