Фото: Фрипик

Oд мој агол: Сања Наковска, психолог

  • На учениците не треба само да им кажуваме да учат. Треба да им помогнеме да изградат навика како да започнат, како да истраат и како да почувствуваат дека можат

Почетокот на учебната година не значи дека учениците веднаш се подготвени за училишниот ритам. По долгото лето, кај дел од нив се забележуваат намалена концентрација, расеаност, одложување на обврските, тешкотии со организацијата и послаб успех во првите недели.
Тоа не значи дека ученикот е мрзлив или незаинтересиран. Најчесто станува збор за период на повторна адаптација за враќање од опуштениот летен ритам кон структура, обврски и континуирано внимание.
И возрасните понекогаш имаат потреба од време за повторно да влезат во работниот ритам. Кај децата и младите овој процес може да биде уште поизразен, бидејќи навиките за учење, концентрација и организација сè уште се развиваат.
Септември е специфичен период. Сонцето сè уште „лаже“ дека е лето, надвор е убаво, а детето природно сака да биде со другарите, да игра и да излегува на прошетки. Во исто време од него се очекува повторно да учи, да седи концентрирано и да ги завршува обврските.

Токму затоа, наместо постојано да слуша „Учи!“, на ученикот му се потребни јасна структура, предвидливост и постепено враќање на навиките.
1. Не чекајте мотивација – помогнете му на детето да започне.
Наместо „Учи два часа!“, речете „Ајде да започнеме само 15 минути“. Кога ќе започне, полесно се продолжува. Мотивацијата често доаѓа по започнувањето, а не пред него.
2. Воведете правило: прво обврска, потоа уживање
Не мора убавото време да биде „непријател“ на учењето. Детето може прво да ја заврши договорената задача, а потоа да излезе, да игра или да користи технологија.
3. Создајте едноставна дневна рутина
Приближно исто време за станување, оброци, учење, слободно време и спиење му помага на детето повторно да воспостави ритам. Рутината создава чувство на сигурност и ја намалува потребата секојдневно да се преговара за обврските.
4. Отстранете ги најголемите „крадци на внимание“
Телефонот, игрите и социјалните мрежи нека не бидат постојано достапни додека се учи. Телефонот нека не биде на масата за учење. Кога вниманието постојано се прекинува, потешко се одржува концентрацијата.
5. Поставете мала и конкретна цел
Не: „Денес мора многу да учиш“. Туку: „Денес ја учиме оваа лекција и ги решаваме овие задачи“. Кога задачата е јасна и достижна, детето полесно го доживува успехот и добива чувство дека може да се справи со обврската.
6. Пофалете го трудот, не само резултатот

Наместо само „Каква оценка доби?“, прашајте: „Што ти беше најтешко?“, „Што успеа денес?“ и „На што си горд/а?“
На овој начин детето учи дека вредноста на неговиот труд не се мери само преку оценката туку и преку вложениот напор, истрајноста и напредокот.
Зад реченицата „Не ми се учи“ понекогаш стои „Не знам од каде да почнам“; зад „Не можам“ може да стои „Ми изгледа премногу тешко“, а зад „Не ме интересира“ понекогаш може да стои страв, несигурност или чувство дека нема да успее. Затоа, пред критика, казна или споредба со друго дете, прашајте:„Што ти е најтешко?“ Прашањето понекогаш може да ни открие многу повеќе од укорот.
На учениците не им треба само да им кажуваме да учат. Треба да им помогнеме да изградат навика како да започнат, како да истраат и како да почувствуваат дека можат. Септември не мора да биде месец на притисок. Нека биде месец на повторно воспоставување на ритамот.

Авторката е стручен соработник-лиценциран психолог во ООУ „Кочо Рацин“-Охрид