Во Скопје од 22 до 27 септември ќе се одржат „Денови на хрватскиот филм“, во организација на Амбасадата на Република Хрватска во Скопје.

Проекциите ќе се одржуваат во Кинотеката на Македонија, на улица „Никола Русински“ бр. 1, со почеток во 20 часот. Влезот за сите проекции е бесплатен, а филмовите ќе бидат со превод на македонски и англиски јазик.

Програмата започнува на 22 септември со филмот „Човекот кој не можеше да молчи“ во режија на Небојша Слиепчевиќ. Филмот е добитник на „Златна палма“ во Кан во 2024 година и на Европската филмска награда и „Цезар“ за најдобар краткометражен филм, а беше номиниран и за Оскар во 2025 година.

На 23 септември ќе биде прикажан филмот „Седмо небо“ на режисерката Јасна Нанут, додека на 24 септември публиката ќе може да го погледне „Фрка“ на Свебор Михаел Јелиќ, добитник на специјално признание на Филмскиот фестивал во Пула во 2024 година.

Програмата продолжува на 25 септември со „Прослава“ во режија на Бруно Анковиќ, кој ја освои Големата Златна Арена за најдобар филм на фестивалот во Пула во 2024 година, како и повеќе други признанија.

На 26 септември ќе биде прикажан „Пејте нешто љубовно“ на Горан Куленовиќ, добитник на наградата „Златна врата на Пула“ за најдобар филм според изборот на публиката, како и на Златни арени за сценографија и костимографија.

Фестивалот ќе заврши на 27 септември со документарниот филм „Fiume o morte!“ во режија на Игор Безиновиќ. Филмот е награден за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам во 2025 година, а има освоено и Европска филмска награда за најдобар документарен филм, како и повеќе признанија на Филмскиот фестивал во Пула и други меѓународни фестивали.

Од Амбасадата на Република Хрватска ги повикуваат љубителите на филмот да ги проследат проекциите и да се запознаат со современата хрватска кинематографија.

Сите проекции започнуваат во 20 часот, а влезот е слободен.