ИН МЕМОРИАМ

Вчера во 85-та година ја напушти животната сцена еден од најдобрите фудбалери на скопски Работнички, Томче Филиповски. Со неговото име се поврзани многу успеси на популарниот клуб од Дебар Маало, а во сезоната 1971/1972 беше најдобар стрелец во Втората југословенска лига. Тој 18 години ги бранеше боите на Работнички и во овој период одигра 633 натпревари и постигна 225 гола. Неговото име ќе биде запишано со златни букви во историјата на скопскиот клуб, на кој му остана верен во текот на целата фудбалска кариера. Иако имаше многу понуди, меѓу кои и од Вардар, Томче Филиповски не сакаше да го напушти клубот од Дебар Маало. Покрај квалитетите што ги манифестираше како фудбалер, тој беше и голем фудбалски работник и функционер. Меѓу другото, Филиповски беше претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија, а ја водеше нашата репрезентација на повеќе врвни натпревари, меѓу кои на Олимпијадата во Сеул во 1988 година и на Светското првенство во Италија, две години подоцна. Томче Филиповски ќе биде погребан утре, на Градските гробишта во Бутел. Од 11.30 до 12.30 часот ќе биде изложен во капелата, каде што неговите пријатели и љубителите на фудбалот последен пат ќе се простат од легендарниот фудбалер. З.М.