ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ЕВРОПСКИОТ КУП ЗА СЕНИОРИ

  • Македонските репрезентативци добро се подготвени и, секако, ќе дадат сѐ од себе да се прикажат во што посветло издание, иако ги очекуваат тешки борби. Како селектор на македонската сениорска репрезентација посакувам борба за медал од нашите репрезентативци, вели Горан Мицкоски

Љубителите на џудото денеска и утре во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје можат да уживаат во настапите на светската џудо-елита во рамките на Европскиот куп за сениори „Скопје 2026“. Борбите ќе се одржуваат двата дена од 9 до 19 часот, а влезот во салата е бесплатен. Свеченото отворање е закажано за денеска од 16 часот, за кога е потврдено доаѓањето на првите луѓе на европското џудо, како и на високи гости, претставници на земјите учеснички.
Според најавите од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), се очекува да биде присутен претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Ласло Тот, високи гости, претставници од дипломатскиот кор, односно неколку амбасадори во нашата држава, а официјално натпреварувањето треба да го отвори министерот за спорт Борко Ристовски.
На Европскиот куп за сениори ќе настапат 42 репрезентации со 441 натпреварувач, од кои 296 се џудисти, а 145 џудистки од четири континенти. Така, од Африканската џудо-унија ќе настапат три земји со четворица џудисти, од Азиската џудо-унија една репрезентација со еден џудист, од Европската џудо-унија 37 земји со 435 натпреварувачи и од Панамериканската џудо-унија една држава со еден учесник.
Боите на Македонија, предводена од селекторот Горан Мицкоски, ќе ги бранат 11 џудисти и една џудистка. Меѓу побројните држави, барем според пријавите што пристигнаа, доминира Италија со 45 натпреварувачи (21 џудист и девет џудистки), Русија со 38 (23-15), Србија со 37 (23-14), Полска со 34 (19-15) и Германија со 30 натпреварувачи (21-9). За потсетување, Европскиот куп за сениори го носи името оти се одвива на територијата на Европа, но право на настап имаат џудисти од сите континенти.

– Мошне силно натпреварување на кое ќе настапи врвната светска сениорска џудо-елита. Тоа значи дека конкуренцијата ќе биде мошне силна, така што љубителите на џудото кај нас ќе имаат можност да видат многу квалитетни борби. Македонските репрезентативци добро се подготвени и, секако, ќе дадат сѐ од себе да се прикажат во што посветло издание, иако ги очекуваат тешки борби. За нив, секако, овој голем настан пред сѐ ќе претставува едно искуство повеќе во настојувањето уште повеќе да напредуваат и да се изградуваат во квалитетни џудисти. Како селектор на македонската сениорска репрезентација посакувам борба за медал од нашите репрезентативци – ни изјави селекторот Горан Мицкоски.
Џудистите ќе се натпреваруваат во тежинските категории до 60 кг (27 учесници), до 66 кг (40), до 73 кг (59), до 81 кг (57), до 90 кг (44) до 100 кг (39) и над 100 кг, (21). Џудистките, пак, ќе настапат во тежинските категории до 48 кг (16), до 52 кг (18), до 57 кг (24), до 63 кг (29), до 70 кг (24), до 78 кг (24) над 78 кг (10).
– Како дел од јуниорката репрезентација сметам дека е огромна чест да се настапи на Европскиот куп за сениори со ваква голема конкуренција. Се чувствувам доволно подготвена да го дадам својот максимум на татамите. Не чувствувам никаков притисок или трема, затоа што немам големи очекувања, сепак, ова е врвен сениорски натпревар, но наедно ова ќе биде добар вовед и приспособување за моите идни настапи во сениорска конкуренција. Секако дека ќе дадам сѐ од себе денеска за време на натпреварот, а дополнителен мотив ми е и веста што ја добив денеска, дека ЏФМ ќе ми овозможи учество на Европскиот куп за јуниори во Подгорица, Црна Гора, на 3 октомври. Со нетрпение ги очекувам натпреварите што следуваат – ни изјави надежната македонска џудистка Ива Богдановска во пресрет на настапот во Скопје.
Ова не е само уште едно големо спортско натпреварување. Ова е резултат на посветеноста, професионалноста и одличната организација на Џудо-федерацијата на Македонија, која со секој следен меѓународен настан го гради имиџот на Македонија на европската и на светската џудо-сцена.

Македонија и Скопје четири пати во низа го организираа Европскиот куп за јуниори. Во Скопје во 2025 година се одржа и Европското првенство за кадети, истата година во Скопје и во Куманово се одржа и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), а меѓу 15-те спорта, беше застапено и џудото. Не изостанаа и повеќе организирани џудо-кампови. В година во Скопје ќе се одржи и Европското првенство во џудо на униформирани сили.
Сето ова резултира во 2025 година претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, да биде прогласен од Европската џудо-унија за „херој на годината“, како симбол на лидерство, визија и исклучителен придонес во развојот и во промоцијата на европското џудо, а Џудо-федерацијата на Македонија да ја добие престижната награда од Европската џудо-унија, за најдобар европски организатор за минатата година. Г.И.