Работиве излегоа од контрола. А јас само терав циничен мајтап. Без никаква намера да се топорам како експерт – напротив – најчесто не ми е јасно што тоа факинг се случува околу мене, па си вадам гротескни проекции како бегство од безумната стварност. Ама изгледа поетската интуиција знае да биде посилна од онаа женската. И ете ги Европската Унија и Канада во прегратка пред крајно блесава љубавна предигра, која цели кон оргазмична завршница – што секако доведе до љубоморна нервоза – sugar daddy од Штатите сега е многу налутен. Канада, марш во ќош додека не признаеш што си правела со онаа ЕУ-бесрамница! Нормално, сето ова искажано со доза глума затоа што се очекува од казнетата, низ страсни солзи, признание: Извини, татичко, бев немирна, казни ме, оти сум заслужила!
Pardon my French, ама не сум јас виновен што светот заличува на порно-гротеска, која воопшто не возбудува. Оти од претходнава спенкинг-поза, влегуваме директно во оргија. Шкотска, Велс и Северна Ирска во Кардиф се напикаа во иста постела. Среде возбуда, воздивнуваат за референдум и бракоразводна постапка од сексуално досадната и мисионерски конзервативна Велика Британија. Сигурно Кир Стармер е многу гневен…
Русјаков, Кир Стармер веќе не ја води Британија. Нов премиер е Енди Барнам.
Па, добро, дали се нормални Британциве? Јас веќе не ги разбирам, менуваат премиери како нордистанец, теми за експертско изјаснување – Тереза Меј, Борис Џонсон, Лиз Трас, Риши Сунак, Кир Стармер, Енди Барнам – по кој метод ги бираат и поставуваат? Секој што не разбира фудбал и нема смисла за хумор, може да се напика во Даунинг стрит, а бидејќи ги нема многу такви, нека биде секој по малку на премиерската функција. Океј, барем на Бејкер стрит е мирно – таму Шерлок Хоумс и доктор Вотсон се фиксни. Како и да е, ова со неверството на Шкотска, Велс и Северна Ирска сите ги изненади, иако во кулоарите, на маргините и меѓу редови, се шепоти дека нордистанските експерти беа длабоко навлезени во стручна експертиза, кој наместо Дејвид Гета требаше да настапи – инаку ќе нè почестеа, нас – неупатените глупаци – со своја стручна геополитичка анализа околу кардифските еротски промени на пози и позиции.
Кај и да се заврти човек, се распаѓаат бракови и се формираат нови вонбрачни заедници. Што ли ќе се случи по ова оргијашко однесување на трите невоспитани убавици, кои сакаат да побегнат од харемот на Империјата? Јас не би сакал да предвидувам, иако е јасно дека Северна Ирска, откако ќе се отцепи од Британија, сигурно се враќа во прегратка на својата матична Република Ирска и џглаб – ЕУ во џеб си става нова територија, па ако се земе предвид дека кон неа се прилепуваат Украина, Молдавија и Канада – Австралија е веќе на Евровизија, а Израел одамна е дел од европски квалификации, тогаш може да го поздравиме Обединетото Кралство на Европската Унија кон кое, ако Кина продолжи да аздисува, ете го и Тајван како нова асоцијативна членка. Шкотска и Велс сигурно ќе сакаат и тие да се пикнат под здолништето на сексапилната дама, иако, за Велшаните, под паролата MAKE VELES GREAT AGAIN – многу попаметно им е да влезат во склоп на Македонија како дел од велешката општина. Ама да баталиме неостварливи соништа, прашањето е како сега Обединетото Кралство, коешто е возможно да се сведе само на Англија и којзнае – може веќе утре Јоркшир да побара автономија, а Лутон да се присоедини со Саудиска Арабија – значи како да се спрема за војна со Руската Федерација?
На ова прашање има одговор – можеби Велика Британија ќе почне да се распаѓа, ама ЕУ, среде територијална експанзија – секогаш е спремна за војна со Русија. Ами како?! Мислите дека европскине лидери што се истопорија во финска НАТО-база да позираат во воени јакни го направија тоа од манекенски побуди? Заебавајте се вие, ама тоа се едни воинствени мажишта, кои можеби вчера беа во финска бања, денеска се во финска база, а веќе утре ќе маршираат за да донесат мирно европско лето среде злобната руска зима, иако има некои инсинуации дека токму нордистанците ќе бидат први испратени на источните фронтови, затоа што алгоритмите на социјалните мрежи пресметале дека имаме најмногу воени тастатура-експерти по жител, коишто можеби не успеаја да си го зачуваат името на татковината – нордистанецот е практичен, не се заебава со идентитет и слични апстрактни будалаштини – ама затоа на терен, среде мрежата, во фотелја, на стол во меана, низ теретани, салони за убавина, додека фрлаат ѓубре в река или пред гранапче може да ја покори и освои секоја тема и територија.
Да се вратам јас на војната во најава. Можеби Северна Америка и Обединетото Кралство се во депресија, ама затоа ЕУ ја проширува својата постела затоа што мора некаде да ја распостели набилданата сексуална енергија – кај што има Ерос, тука е и Танатос – а се знае дека војната е најдобриот пазар за љубов спрема смртта. Патем, конечно со Унијата владеат моќни и воинствени жени како Урсула, Марта и Каја, што значи дека жената конечно е рамноправна со машката глупост. Мал проблем е што сè уште постојат геополитички тутурутки што поставуваат глупави прашања од типот – дали стварно постојат причини за војна со Русија? Како не постојат? Хималаите се топат, АфД победува во Германија, по Доли Партон, и Младиќ за инает умре во очи пресудата за Тачи, ама на Украинците веќе не им се умира, Трамп пред избори поткупува гласачи, исландските фундаменталисти одбиваат да сервираат риба за европската гастрономија, па Европејците сега мора да јадат коњско месо од Троја, сеедно што Одисеј ја уништи, откако оној Парис му ја грабна црнкињата на Менелај, се намалува бројот на птици преселници, европската економија џогира кон колапс, додека Хутите по апостолки пропешачија цела пустина за да ја секнат додатно нафтата, воук-културата никако да стане традиционална вредност, ама и кабала-гуруто Мадона заглави со саати во православен манастир – и уште ли да набројувам(?) – зарем сето ова не смрди на руско масло на што веднаш треба воено да се интервенира? Само злобници како оној Милановиќ од Хрватска може да тврдат дека неспособните и изгубени европски лидери ќе влезат во војна со Русија, за веднаш потоа да побегнат, ама па и цинизам настрана – се случуваат многу чудни инциденти со неидентификувани дронови на НАТО-територии – ЕУ-очајниците веднаш врескаат за руско сценарио – иако кај познавачите на историски настани се будат сомнежи, оти многу личат на инцидентот во Гливице, порано Глајвиц, од 31 август 1939 година, по кој престана да биде забавно на планетата.
































