ФРАНЦИЈА МОРАШЕ ДА ИЗРАЗИ „ЖАЛЕЊЕ“ ЗА ДА БИДАТ ПРИМЕНИ АКРЕДИТИВИТЕ НА НЕЈЗИНИОТ АМБАСАДОР ВО ВАШИНГТОН
- Соединетите Американски Држави неколку недели го блокираа назначувањето на дипломатот Орелиен Лешевалие, долгогодишен соработник на Емануел Макрон. Претседателот на Франција не беше задоволен од исходот на кризата, бидејќи француската дипломатија попушти пред американскиот притисок и го свитка политичко-дипломатскиот ’рбет… На површината, се чинеше дека станува збор за решавање мала дипломатска криза. Но не беше баш така…
Соединетите Американски Држави конечно го дадоа своето одобрение оваа недела за новиот француски амбасадор во Вашингтон, според американскиот Стејт департмент, кој неколку недели се спротивставуваше и го попречуваше назначувањето на Орелиен Лешевалие, долгогодишен близок соработник на Емануел Макрон. За да го прекине застојот, Франција мораше јавно да изрази „жалење“ до Соединетите Американски Држави во врска со минатото несогласување. Тоа предизвика негодување на највисоките нивоа на француската влада.
Капката што ја прелеа чашата
Почетната точка на оваа психодрама беше твит од француската мисија во Обединетите нации во Женева на 25 јули. Соединетите Американски Држави гласаа против обновување на мандатот на високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк. На својот профил на Икс, следен од нешто повеќе од 20.000 луѓе, француската мисија протестираше на англиски јазик, со тон многу необичен за дипломатските кругови: „Соединетите Американски Држави порано беа модел за човековите права. Веќе не се“. Потоа во твитот се истакнува дека САД гласале заедно со земји како Северна Кореја, Никарагва, Мали и Русија. „Светот веќе не ги слуша“, строго завршува пораката.
Франција „жали“
Ова, покрај други елементи, предизвика гнев кај американскиот Стејт департмент, кој веднаш презеде одмазднички мерки: додека назначувањето на Орелиен Лешевалие, сегашниот началник на кабинетот на министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро, во Вашингтон беше одобрено од Советот на министри ова лето, Соединетите Американски Држави одбија да му дадат акредитација. Оваа постапка – генерално формалност – е од суштинско значење за новодојденецот да може да ја преземе својата функција во американската престолнина.
По неколку недели и со закана од одложување на назначувањето, Франција конечно попушти на американскиот притисок. Во соопштение објавено онлајн на 11 септември на својата веб-страница, француската мисија во ОН „жали за пораката објавена на Икс на 25 јули 2026 година“. „Франција и Соединетите Американски Држави неодамна усвоија различни ставови за време на гласањето во Генералното собрание на Обединетите нации. Ова несогласување се однесуваше на едно гласање и не се однесуваше на одбраната на човековите права“, се наведува во соопштението, објавено само на англиски јазик. „Јавните разлики во мислењата за гласањето не го попречуваат блискиот дијалог со Соединетите Американски Држави и не го доведуваат во прашање нашиот историски сојуз или нашата способност да работиме заедно за промовирање на мирот, стабилноста и просперитетот, вклучувајќи ги и мултилатералните форуми“.
Премногу помирувачкиот став на Париз не е целосно во согласност со ставот на Макрон?!
Ремек-дело на дипломатско покајание што очигледно го задоволи Вашингтон.
– Ја земаме предвид изјавата на Франција и ја цениме – одговори американскиот Стејт департмент преку службено лице што разговараше со АФП.
Но од француска страна, формулацијата на изјавата предизвика силна реакција од самиот Емануел Макрон, како што објави „Ле Канар аншене“ во средата.
Мора да се каже дека овој претерано помирувачки став не е целосно во согласност со ставот што го усвои шефот на државата, кој сака да се залага за „европскиот суверенитет“ наспроти непријателството на администрацијата на Трамп.
– Тој не беше воодушевен од оваа изјава. Исто како што не беше воодушевен од твитот од делегацијата на ОН во јули. И на двата начина беше (направен) хаос – еуфемистички вели редовниот соговорник на претседателот.
Аферата предизвикува голема возбуда во коридорите на моќта.
– Скандалозно е, Франција не мора да им се извинува на Соединетите Американски Држави – се жали еден министер пред париски „Фигаро“.
Тој воопшто не е заинтересиран ако мора да ја брани оваа позиција ако биде прашан во телевизиска програма.
– Ме излудува – се лути советник на извршната власт, загрижен за сликата што се проектира.
Во Кеј д’Орсеј (француското Министерство за надворешни работи) оваа контроверзност очигледно не помина незабележано, особено затоа што неколку дипломатски извори се сомневаат дека Орелиен Лешевалие дејствувал еднострано во оваа афера, искористувајќи ја својата позиција како шеф на кабинетот на министерот.
– Тој преговараше со американската амбасада во Париз, а потоа ѝ ја наметна оваа изјава на француската мисија во Женева – верува еден висок дипломат.
Поранешен функционер на министерството вели сека оваа манипулација во корист на едно лице е многу лошо прифатена во Кеј д’Орсеј. Според него, обвинувањето на мисијата пред ОН е одвратно. Тој сугерира дека, и покрај сѐ, назначувањето во Вашингтон можеше да се случи без да се принуди француската дипломатија да капитулира пред Соединетите Американски Држави, пренесува париски „Фигаро“.
Дали тоа е и причината што е цел на анонимни критики? Орелиен Лешевалие – кој не одговори на „Фигаро“ во среда вечер, е долгогодишен пријател на Емануел Макрон, со кого дипломирал на ЕНА. Тој му се приклучи на дипломатскиот персонал во Елисејската палата во 2017 година, пред да биде назначен за амбасадор во Јужна Африка, а потоа држеше клучни позиции во Кеј д’Орсеј. И самиот претседател го одобри неговото назначување во Вашингтон, како што прави за сите амбасадорски потези.
– Назначувањата се вршат по препорака на министерот за надворешни работи. Министерството игра централна улога во нивната подготовка – појаснува друг дипломат.
Затоа, тензијата меѓу Елисејската палата и Кеј д’Орсеј е реална. Иако друг дипломатски извор го намалува значењето со тоа што вели дека „откако пристигна Жан-Ноел Баро, Елисејската палата никогаш не се откажа од него“.
– Вистинскиот проблем е односот меѓу Орелиен Лешевалие и Емануел Бон -вели шефот на дипломатската единица на Елисејската палата и моќен архитект на надворешната политика на претседателот.
Ова не е доволно за да се промени хаотичното назначување на новиот амбасадор, кој наскоро треба да ја преземе својата функција во Вашингтон. Но многумина во Париз стравуваат дека оваа драма ќе остави трага врз имиџот на Франција кај администрацијата на Трамп.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција































