„Еуканадонија“ избега од лабораторијата на Фон дер Лаjен

  • Урсула ја реши равенката – ЕУ е всушност цела Европа?! И така се однесува, како шефица на Европа. Таа во средата (демек среда бил среќен ден) од Стразбур испрати јасни, но не оптимистички пораки. Првата е дека економски ЕУ е силен модел, но за чудо, на дневна база бележи по една милијарда трговски дефицит со Кина. Понатаму, таа има идеја да се спои со Канада (дали е тоа нов блок на неолиберални лузери?), но не само трговски туку и во блок како замена на сегашното НАТО. За Канада се нуди некакво придружно членство, а за Западен Балкан, што значи и за Македонија, е стокмен патоказ. Роад мап. Патоказ што води кон Брисел или кон иден воен фронт?

Политичарите се чудна сорта луѓе, живеат во посебен систем, па дури и кога се подготвуваат за да одржат важен говор тие се поревносни и од артистите. Холивуд не им е рамен. Водат сметка на секој гест, на движење со раката, одат по фризери, стилисти, имаат помагачи за секој детаљ да биде на место. Изненадувања? Ретко, но ги има. Можеби најважни во тој круг се луѓето од сенка, тие што ги пишуваат говорите. На пример, историската реченица на Џон Ф. Кенеди „И јас сум берлинец“ не е негова лична, му ја напишал пишувачот на говорот и така Кенеди влезе во историја, а не пишувачот.
За говорот на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, од средата (среда кај народот е среќен ден, ама не мора секогаш да биде) наменет за обраќање во Европскиот парламент за состојбата во Унијата, велат биле задолжени пет пишувачи на нејзините говори. Јака екипа. Дали на крајот Урсула го прочитала тоа што тие врвни мозоци го срочиле или таа самата се погрижила да скоцка свој говор давајќи личен печат, засега не се знае. Можно е, барем според тоа што го кажа, во голем дел самата да го напишала.
Педантните колеги од „Политико“ издвоиле 12 точки што треба да се земат предвид ако сакаме длабински да ги анализираме пораките на шефицата на ЕК. Ние ќе го анализираме по нашки, на македонски начин според наша македонска диоптрија. Колку и да сакаше да ја обои сликата за состојбата во ЕУ, на крајот, ако се чита меѓу редови, но и според фактите што ги изнесува Фон дер Лајен, јасно е дека има доста сивило и турбуленции, особено предизвикани со имигрантите. Па дури и концептот на солидарност пропадна на случајот со Сеута во Шпанија, каде што марокански имигранти влегоа како претходниците на Џингис-кан. Но кој политичар би сакал да биде песимист. Не се очекува некој да си пука во нога, особено што располага со каса во која има трилиони евра. На пример таа истакнува дека ЕУ добро се справува со економските проблеми предизвикани со војните, пред сѐ украинско-руската, па потоа и САД со Иран и затворањето на поморските трговски маршрути. А како ЕУ се справува кажува моменталната состојба. Само со Кина ЕУ бележи трговски дефицит од една милијарда евра дневно. Заклучокот е – работите отидоа предалеку и ЕУ мора да го реши тоа. А како? Во моментов Брисел нема одговор, туку една генерална идеја дека тоа мора да се реши. ЕУ е супер напреден модел и тој самиот од себе би можел да најде решение. Чекаме. Но очигледно е дека зависноста од Кина за ресурси како што се ретките минерали и суровини е преголема и во некои сфери достигнува и до 90 проценти. Тоа е работа на географија и тука, во овој век, сегашните сознанија и знаења не нудат алтернативи. Другата зависност е енергетска и во овој исплакнат говор на Фон дер Лајен се гледа дека прекинот на руски гас сериозно удрил во економијата кај најмоќните членки на ЕУ. А состојбите во блиска иднина и ќе се влошуваат.
Шефицата на ЕК и во овој говор, како и неколку претходни, се наметнува како врховен лидер на ЕУ што веќе предизвикува остри реакции кај некои од членките. Кај неа е очигледно настојувањето кога зборува за ЕУ да ја изедначува со цела Европа. „Европа е тука за Европејците“, што е точно, но само ако континентот не го подразбира дека е под доминација на ЕУ. И понатаму во обид да поентира и лагата да стане вистина таа ќе рече: „Во студената кревкост на денешниот свет само Европа може да им обезбеди вистински суверенитет на Европејците“. Тоа за нас значи дека вистински суверенитет Македонија ќе обезбеди ако стане членка на ЕУ. Но со членството во Унијата се знае дека секој во мираз на Брисел му дава дел од својот суверенитет.

И во еден момент од говорот Фон дер Лајен, инаку поранешна министерка за одбрана на Германија, ќе ја исцрта иднината на континентот што ќе предизвика сериозни шокови, од кои под закана се столбовите на трансатлантскиот мост. Таа закана се вика алијанса за иднината, нешто што во моментов никој точно не знае што е, каква конструкција ќе биде и кому ќе му пречи. Од Стразбур, каде што го даде својот говор Фон дер Лајен, е испратена покана до Канада да се приклучи кон Унијата како придружна членка, иако таков статус не е предвиден со Лисабонскиот договор за ЕУ. Драг мој Марк (Карни), ја гледам Канада заедно со Европа во блиска иднина, порачува претседателката на ЕУ. Бриселски медиуми велат дека ова не било очекувано, иако беше најавено пред една година дека првите ластовички од Канада може да свијат гнезда на европска почва. И ова нема да биде некаков економски проект за зближување, затоа што таков постои во рамките на тровската спогодба ЕУ-Канада. Нема да биде ниту учество на „Евровизија“. Станува збор за сечење на папочната врска со Америка во доменот на одбраната. Збогум Америко, на 27 јазици. Како поранешна министерка за одбрана, Фон дер Лајен размислува војнички, дури и не го крие тоа, туку отвора ново поглавје за милитаризација и на ЕУ и на идната конструкција „еуканадонија“. Брисел, „откачен“ од Трампова Америка, сака да создаде свое НАТО, нова трансатлантска алијанса и да активира свој член 4. Тоа значи 27 членки плус Канада да имаат воени консултации на повик на членка што се чувствува загрозена. На пример, Летонија да каже дека се чувствува загрозена од Русија и почнуваат консултации што би довеле до одлука. Каква одлука? Па очигледно е дека ЕУ се подготвува за војна со Русија. Засега на првата линија на фронтот е Украина, која „се бори за слободата на Европа“. И за Украина сѐ уште е отворен каналот за дистрибуција на пари потребни за дополнително вооружување на украинските сили. Според информациите во фондот на САФЕ (заедничка безбедност каде што е членка и Македонија) останале над 100 милијарди евра неискористени пари, кои би можеле топтан да се прелеат на украинскиот фронт како оружје.
Сепак, ова нема да оди лесно затоа што кај членките на ЕУ ќе фалат пари, па се очекува да се води жестока војна за секое евренце, особено наредната година кога ќе се усвојува новиот буџет на Унијата. За да се милитаризира ЕУ ќе требаат многу милијарди, а тие би доаѓале со нови такси и давачки. И веројатно овој концепт би поминал помазно доколку во моментов трендот во двете воено моќни земји – Германија и Франција, не се во економски пад и во транзиција на политичките сили.

Макрон е во завршна фаза на мандатот, а крајната десница предводена од Ле Пен и Бардела е во подем, исто како и АфД во Германија. Канцеларот Мерц го одложи патувањето на Генералното собрание на ОН затоа што му е ставен свилениот гајтан. ЦДУ веќе има негова замена. Но не е проблемот само во лидерството на некогаш моќниот ЦДУ, туку тоа што политиките на Берлин не со во согласност со барањето на мнозинството граѓани. И се случи токму народот да застане зад АфД, која, пак, не е за војна со Русија. Историјата некогаш знае да режира неочекуван заплет и сите политички логики да ги преврти наопаку.
А, дааа, и Македонија се најде во една реченица од историскиот говор. Не по име, туку како дел од земјите кандидатки од Западен Балкан на кои „нивната иднина е во нашата унија“. И токму затоа сега лично таа ќе дојде и ќе ни даде патоказ што ќе нѐ одведе во Унијата. Патоказ кон Брисел или кон воен фронт? Не е прв патоказ, но, ете, нешто мора да се покаже, да се даде како надеж.
Е, наши македонски политичари, имавте ли здрав ум и разум кога дававте сѐ што не е ваше, за сега да добиеме патоказ од Брисел. Роад мап. Но и обврска за вклучување во новото НАТО, кое сериозно се подготвува да стане воена сила способна да се тепа на бојно поле со една Русија. Таков патоказ гледаме со наша диоптрија и дај боже да ни е погрешен диоптерот. Розови очила, и покрај сѐ, не ставаме! На иста нога, како што гледам, стои и Вашингтон, кој веќе ја остри гилотината за „еуканадонија“.