Фридрих Мерц / Фото: ЕПА

Викенд во кој политичката партија ЦДУ ја отвора вратата за нов канцелар на Германија

  • Фридрих Мерц ги откажа посетата на Њујорк и настапот на Генералното собрание на Обединетите нации. Формалното објаснување е дека присуството на германскиот канцелар во Берлин е неопходно. Политичката порака, меѓутоа, е многу посилна од дипломатското образложение. Мерц во моментов има поважна битка дома. Многу индикатори покажуваат висока веројатност дека тој наскоро ќе биде сменет од лидерската функција на својата партија, а потоа и од местото канцелар на Германија…

В недела Германија ќе гласа во Берлин и во Мекленбург-Западна Померанија. Двата покраински избора доаѓаат само две недели по тешкиот пораз на ЦДУ (партијата на Мерц) во Саксонија-Анхалт, каде што АфД оствари историска победа. Токму затоа, изборите в недела, на 20 септември, не се веќе само локален тест за покраинските организации на партијата на Мерц (ЦДУ). Тие се претвораат во „референдум за политичката одржливост на Мерц“. И самиот распоред зборува доволно. Највисокото раководство на ЦДУ се собира во момент кога изборните резултати сè уште ќе бидат свежи, а Мерц, наместо да ја претставува Германија пред светската дипломатска сцена во Њујорк, ќе мора да се соочи со својата партија. Тоа е момент во кој една политичка кариера влегува во една нова надолна фаза.

„Поддржи го или собори го“ – вистинското прашање зад затворени врати

Во берлинските политички кругови веќе не се разговара само за тоа колку гласови ќе освои партијата ЦДУ. Сè погласно се поставува прашањето дали Фридрих Мерц може да ја задржи политичката контрола над сопствената партија.
– Според информациите што кружат во партијата и медиумските извештаи, во ЦДУ се формира логика што би можела да се сведе на едноставна дилема: или раководството повторно ќе застане цврсто зад Мерц и неговиот курс на реформи или ќе се динамизира разговорот за алтернативно политичко-партиско раководство, наместо Мерц. А алтернативи има и во моментов. Токму затоа неделниот состанок има необична тежина. Не затоа што на него формално мора да биде донесена одлука за канцеларот. Туку затоа што таму би можело да стане видливо дали зад Мерц сè уште стои доволно силен политички блок за да продолжи без сериозно оспорување. Во германската политика, ваквите процеси ретко започнуваат со официјална оставка. Најчесто прво се губи авторитетот, потоа се појавуваат „загрижени“ гласови од покраинските организации, па имиња на можни наследници, а дури на крајот доаѓа формалната одлука – велат извори од партијата на Мерц.

Проблемот не е само Мерц туку и политичката идеолошка карта што се менува во Германија

Голема опасност за Мерц, сепак, не е само внатрепартиската критика. Тоа е фактот дека германскиот политичко-идеолошки простор забрзано се менува.
– АфД на федералните избори во 2025 година освои 20,8 проценти од вторите гласови и стана втора политичка сила во Бундестагот. ЦДУ освои 22,6 проценти, а заедно со ЦСУ, Унијата достигна 28,6 проценти. Само година и пол подоцна, според септемврискиот „АРД Дојчланд тренд“, АфД е на 27 проценти, додека ЦДУ/ЦСУ е на 21 процент. Во истото истражување, само 13 проценти од испитаниците се изјасниле позитивно за работата на Мерц како канцелар. Тоа е повеќе од јасен сигнал дека германскиот политички центар повеќе не изгледа како пред неколку години – велат наши соговорници.
Тие забележуваат дека АфД отвора прашања што претходно биле маргинализирани на германската политичка сцена, додека Мерц досега градеше проевропска стратегија.
– АфД го турка германскиот политички систем кон прашања што долго време беа маргинализирани или третирани како неприфатливи за големите партии, односно за миграцијата, националниот суверенитет, односот кон Брисел, границите на европската интеграција, енергетската политика и прашањето колку националната политика треба да биде подредена на европските институции. Мерц, напротив, ја градеше својата политичка стратегија како либерална „проевропска“ опција и како обид Унијата повторно да го заземе центарот, без да ѝ дозволи на АфД да ја диктира политичката агенда. Но токму тука се појави парадоксот. Имено, што повеќе ЦДУ се обидува да ја запре АфД со сопствено поместување надесно во одредени теми, толку потешко станува да се разликува од политичкиот простор што АфД веќе го освои. А колку повеќе ЦДУ останува цврсто во проевропската и институционална линија, толку поголем е просторот АфД да се претставува како единствена вистинска опозиција на политичкиот естаблишмент. Тоа е стратешката дилема пред која не стои само Мерц туку целата германска политика – брифираат соговорници, членови на партијата на ЦДУ.

Кој по Мерц на функцијатаканцелар (премиер) на Германија?

Доколку Фридрих Мерц би ја изгубил контролата врз ЦДУ, се разбира дека тоа автоматски не значи дека следниот ден ќе престане да биде германски канцелар. Но, сепак, тоа значи дека за кратко време тоа и би се случило.
– Германскиот устав поставува висока бариера. Бундестагот може да му изгласа недоверба само ако истовремено избере нов канцелар со мнозинство од сите пратеници. Тоа е конструктивно изгласување недоверба, односно механизам создаден токму за да спречи нестабилни парламентарни промени на владата. Затоа евентуалната смена на Мерц би имала две одделни фази. Прво политичка битка во ЦДУ и Унијата (коалицијата), а потоа парламентарно обезбедување ново мнозинство. Затоа неделниот состанок е важен. Ако во ЦДУ се појави јасен впечаток дека Мерц го изгубил политичкиот авторитет, тогаш прашањето повеќе нема да биде само дали ќе остане претседател на партијата. Ќе се отвори и прашањето дали коалициското мнозинство може долгорочно да функционира под негово водство – велат извори од партијата, високо позиционирани во ЦДУ.
Токму во ваква политичка атмосфера веќе се појавуваат имиња. Според партиски извори на ЦДУ, најчесто се споменуваат Маркус Зедер и Хендрик Вист, а во поширокиот круг кандидати, прв се појавува и Александар Добринт. Германските медиуми, сепак, предупредуваат дека самото споменување имиња не значи дека постои договор за наследник.
– За волја на истината, Маркус Зедер, висок функционер на ЦСУ, јавно ја отфрли можноста неговата партија да учествува во соборување на Мерц и порача дека Унијата не треба да дозволи АфД да ја раздвои. Истовремено, тој нагласи дека Мерц и натаму е вистинскиот човек за владата. Токму затоа неговата позиција е значајна и таа покажува дека во моментов нема консолидиран договор за смена. Но, исто така, покажува и нешто друго. Темата веќе постои и тој точно знае кој е наредниот кандидат и точно знае кои се другите кандидати за функцијата канцелар на Германија – велат наши соговорници.


Избори што можат да ја променат германската политичка равенка

Во Саксонија-Анхалт, АфД веќе покажа дека може да го преземе приматот на покраинско ниво. Пред изборите во Мекленбург-Западна Померанија, националниот тренд дополнително ја зголемува нервозата во ЦДУ.
За издвојување е дека „Ројтерс“ објави дека АфД во националните мерења се движи околу 27–29 проценти, додека ЦДУ се движи значително пониско.
Затоа изборите в недела можат да имаат ефект далеку над границите на двете покраини. Ако ЦДУ повторно биде поразена, внатрепартискиот аргумент дека проблемот е само во „лоша изборна серија“ ќе стане потежок за одбрана. Ако, пак, резултатите се доволно добри за Мерц, тој може да добие време.
Но политичкиот проблем нема да исчезне. АфД веќе не е маргинална политичка сила. Таа е втора сила во Бундестагот и, според актуелните анкети, прва или една од водечките сили во националното расположение. Д.П.


Недела на вистината

Откажувањето на патувањето во Њујорк, специјалниот состанок на партиското раководство и сè погласните разговори за наследник создаваат слика на канцелар што мора повторно да ја освои довербата, не само на германските гласачи туку и на сопствената партија.
Мерц засега не покажува намера доброволно да се повлече. Напротив, по изборниот пораз во Саксонија-Анхалт порача дека не размислува за откажување и инсистира на продолжување на својот реформски курс. Но политичката историја на Германија покажува дека канцеларите ретко паѓаат во моментот кога првпат ќе се појави глас за нивна смена.. Имено, тие паѓаат кога нивната партија ќе престане да верува дека нивното останување е помал ризик од нивното заминување. Токму таа граница сега се приближува. И затоа неделата може да биде повеќе од уште една изборна ноќ. Може да биде почетокот на прашањето што досега се поставуваше само „шепотејќи по ходниците на ЦДУ“, а тоа е „не дали Мерц ќе ја преживее следната криза, туку дали германската Унија веќе почна да бара политичка ера по Мерц“.

Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија