Една од исконските потреби на човекот е да може да ги предвиди настаните и појавите, па дури и иднината на сопствениот живот. Моќта на предвидувањето во некои примитивни општества создала висока положба за луѓе, главно жени, јасновитки, кои го имале „вродениот“ дар да ги предвидуваат работите. Неретко во научнофантастичните филмови ќе видиме јасновидец во некоја од капиталните улоги. Таков е примерот со Оракулот во филмот „Матрикс“.
Предвидувањето на иднината во научната фантастика се третира низ прашањето што доколку технолошкото општество создаде алгоритми што ќе можат да го предвидат однесувањето на човекот, неговите желби, можности и достигнувања, врз база на информациите што алгоритамот ги поседува за еден човек. На пример, неговото образование, статус, интереси, професионални определби, лични филозофии на живот и етички убедувања се дел од калкулациите на веројатност што алгоритамот би ја извадил врз база на тоа што го знае за човекот, што преку непосредно четување со алгоритамот, што преку интернет-базата на податоци, која прави совршена мрежа за профилација на секој поединец. Во тој случај алгоритамот може да предвиди што ќе се случува во животот на човекот. Ако тој избрал да студира книжевност, има специфични интереси, а состојбите на пазарот на трудот се ограничени, алгоритамот може да предвиди со кои професии поединецот би се занимавал, колкави би биле неговите примања, кој социјален статус би го уживал и во какво социјално опкружување најчесто би се наоѓал.
Но следното прашање што се поставува тука е дали „слободната“ и навидум забавна процена на иднината што ја прави алгоритамот навистина го врзува и определува човековиот живот. Односно дали алгоритамот создава кастински систем, во кој секој однапред би ја знаел својата улога.
Во дијалогот „Држава“, Платон вели дека секој човек се раѓа со природна способност да му припаѓа на некој од социјалните сталежи. На пример, услов да биде крал или владетел е да има природна мудрост, смиреност, толеранција и љубопитност. Платон дури и го обликува образованието во „идеалната држава“ не според амбициите на луѓето да стекнат одреден статус, туку според процената на нивните внатрешни можности. Војникот е дете со посебни таленти од раѓање, тој само поминува низ образовниот процес за да биде идеален војник, но образованието кај Платон не може да го промени статусот на поединецот, тоа е дизајнирано да го задржи во неговиот статус добиен со неговото раѓање.
Макс Вебер, пак, говори за т.н. железен кафез и предупредува дека модерното општество се движи кон сѐ поголема рационализација и бирократизација. Во таков општествен контекст владеат правилата, процедурите и пресметливоста, со цел да се оствари ефикасен системски поредок, но на сметка на таа апстрактна бирократизација, малиот човек и неговите потреби биваат затворени во еден „железен кафез“. Алгоритамското општество е еклатантно прикажување на тој кафез. Бирократот е сепак човек што може во одреден момент да деклинира од системот и кај него да се појави сомнеж, па дури и разбирање и милост. Но алгоритамското општество е сурово, баш поради тоа што таа навидум алгоритамска неутралност е сведена на математичка извесност од која не се предвидени отстапувања на сметка на помалку ефикасната варијанта.
Најстрашното научнофантастично сценарио не е општество во кое алгоритамот ќе греши, туку алгоритам што ќе пресметува со многу голема прецизност и извесност. Доколку алгоритамот стекне доверба и стане калкулатор на можности во човечкото општество, тогаш системот ќе може да предвиди во кои околности едно дете ќе биде помалку или повеќе успешно, со што децата нема да живеат во свет на еднакви туку на пресметани шанси. На тој начин се создава кастински систем во кој положбата на секој од нас е веќе однапред пресметана и цел живот детето се подготвува да ја прифати улогата што му е однапред дадена. Освен прашањето на еднаквоста, се загрозува и прашањето на слободниот избор. Конечната опасност не е во тоа што машините ќе станат слични на луѓето, туку што луѓето ќе прифатат да бидат третирани како машини, односно како предвидливи системи чија вредност може однапред да се пресмета.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов































