Претседателот на СДСМ Венко Филипче смета дека власта со своите, како што вели, изолационистички политики ја претвора Македонија во слепо црево на Европа, додека другите земји од регионот забрзано се движат кон членство во Европската Унија.
– Јасно ќе биде нацртан патот на четири земји кандидати за членство во Европската Унија до крајот на мандатот на оваа Европска комисија. Знаете кој го нема меѓу тие четири земји? Македонија. Знаете со кого е Македонија сега? Со Косово и со Босна – рече Филипче во гостувањето во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Тој нагласи дека условите за продолжување на европскиот пат не се променети, туку дека власта само изгубила драгоцено време, додека Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина напредуваат.
– Од пред две години до денес не се смени ништо. Само изгубивме драгоцено време. Албанија и Црна Гора отидоа напред, Молдавија и Украина напредуваат, а ние стоиме во место. Младите се селат, нема пари и тонеме во сиромаштија – истакна Филипче.
Европскиот пат на Македонија, според него, е блокиран уште од 2022 година, кога ВМРО-ДПМНЕ со свирежи и вувузели ја пречекала претседателката на Европската комисија во Собранието.
– Нема ништо да се смени во условите, а ние само губиме време. Суштината е дека оваа власт не сака реформи и не сака Европско обвинителство. Затоа Мицкоски ја држи државата во изолација и надвор од европскиот пат – рече Филипче во интервјуто.
Тој посочи дека блокираниот европски пат директно го урива животниот стандард, ги брка младите и ги одвраќа странските инвеститори.
-Поради несигурноста во регионот и изолационистичките политики, странските инвеститори не доаѓаат. Затоа инвестициите паѓаат и одат во Црна Гора и во Албанија. Со Европа ќе се отвори пазар од 500 милиони луѓе, ќе има поддршка за бизнисите, повисоки пензии и перспектива младите да останат тука – нагласи Филипче.
Како што нагласи, Македонија е целосно тргната настрана, а предупредувачките сигнали од стратешките партнери веќе се видливи.
– Поради нив нема развој, поради нив цвета корупцијата и поради нив сме слепо црево на Европа. Ако се затвори европскиот пат, нема да имаме од каде да обезбедиме пари, особено со огромниот долг што го создава оваа власт – истакна Филипче.
Според него, државата мора да оди напред и наместо власта да измеслува „небески проблеми и нови изговори“, мора да ги решава секојдневните проблеми на граѓаните.
-Европскиот пат значи инвестиции, отворени пазари, повисок стандард и иднина за младите – порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче во „Само интервју“, пренесува МИА.



































