Иако ги продадоа и предадоа македонските национални интереси – името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ на Атина и Софија, наместо во Идризово, сѐ уште шетаат на слобода. Им остана да го докрајчат македонското црковно прашање, според слоганот на Зоран Заев: ако сите околу нас се против нас, проблемот не е кај нив, туку во нас! За мисијата да им биде успешна. Прво го сменија, можеби е поточно го продадоа, знамето, па името на државата и идентитетот на нацијата, го избришаа АСНОМ од преамбулата на Уставот, во намерата Македонците да ги сведат на статус – едно од многу национални малцинства во сопствената држава Македонија. Им остана уште Македонската црква да ја исшмирглаат – последниот историски бастион на идентитетот на македонскиот народ… ја јадат и одвнатре, им ги научија слабите точки на некои архијереи…
Со договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, Македонците треба да станат Бугари. Демек, Македонците во Втората светска војна не биле под бугарска фашистичка окупација, туку Софија само ја администрирала територијата на Македонија окупирана од Германија. За време на бугарската администрација, Македонците воделе граѓанска војна – се тепале „левите“ и „десните“ меѓу себе. Затоа имало жртви, не затоа што Бугарите ги убивале… Со спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година, пак, Атина „доби“ ексклузивно право врз културата и историјата на Македонија. Со договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година, владата на СДСМ-ДУИ се откажа од Македонците во соседните земји и од Македонците во светот! И покрај ова, Заев за СДСМ (о)стана икона, наместо да чмае во Идризово. Го тестираат јавното мислење – Заев за претседател на северна… Убиецот секогаш се враќа на местото на убиството!
И еве го гуруто Фрчкоски со коментар во порталот „Либертас.мк“, пренесуван и во порталот „Религија.мк“ на Марјанчо Николовски и други бугарски портали во Македонија.
Иако ја палеа американската амбасада и беа за братска Србија, откако „се бореа“ за словенизацијата, а против антиквизацијата, со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата, сега се преокупирани со српскиот свет и руското влијание во Македонија и Македонската православна црква. Позабегана секта од овие ретко се раѓа на планетава Земја, вмарширана во антимакедонизмот на соседите, а против македонскиот народ и државата Македонија! Норвежанецот Видкун Квислинг како синоним за велепредавство е мачја кашлица за нив.
Во својот коментар „Предавството во и на црквата“ објавен на порталот „Либертас.мк“ на 3 септември 2026 година, Фрчкоски зборува за мазохизмот на македонските владици, кои не се дораснати да бидат независни, за руско-српската инсталација во црквата и за пропуштената историска шанса за томос од грчката енклава Цариград… За Фрчкоски станавме, како што вели, „мала нација што не ја разбира државата, која ја добила на среќа“! Затоа што ја искасапи државата со Уставот и уставните амандмани, сега треба да ја докрајчат и Македонската црква. Која среќа бре, несреќа да ве отепа! Ама, тоа се сѐ нуспојави од иста дијагноза, независно со каква терапија се третира – болката се вика антимакедонизам! Фрчкоски доаѓа до заклучок за предавствата во државата под српско-руската закана и предавствата на црквата (по прашањето на автокефалноста) под истата таа српско-руска закана. И Енвер Хоџа така го штитеше албанскиот комунизам, па ја огради државата со 750.000 бункери…
Ама, да се потсетиме што велеше Фрчкоски во 2005 година, при расправата за државното име Македонија: „Владата треба да го извести медијаторот (Метју Нимиц – м.з.) дека Македонија се однесувала во согласност со резолуцијата усвоена при приемот, но таа резолуција сега е исцрпена и затоа бара да биде примена во Обединетите нации под уставното име“. Според толкувањата на Фрчкоски на Привремената согласност од 13 септември 1995 година, „Македонија има обврска да преговара, но не до краен договор, а нашата добра волја да го правиме тоа ни ги затвора другите опции за решавање на проблемот – што, всушност, е и грчката тактика“. Фрчкоски смета дека „во земјата не треба да се дебатира за името на државата како што тоа се иницира со предлогот на Никола Груевски за референдум и дека такво нешто има смисла само ако некој прифати промена на името на државата, а не претходно“. Според негови оцени, „Македонија е премногу толерантна спрема своите внатрешни квислинзи, кои отворено работат за грчките интереси, па и не го кријат тоа!“ Е тоа е Фрчкоски за името од велепредавство до домашен квислинг по сопствено убедување…
Иако самиот Фрчкоски во коментарот „Предавството во и на црквата“ вели „Не сум бил никогаш близок со теми на црковноста на нашето битисување низ историјата и денес“, тој во Македонската православна црква препознава прозападно и просрпско-руско крило. Барем да каже кои се, јавноста да ги знае. Изјавите на Фрчкоски остануваат во доменот на манипулациите на Стево Пендаровски, кој на прес-конференцијата одржана на 30 јуни 2023 година, а по повод протестот на Македонската православна црква на 29 јуни 2023 година против двата закона за родова еднаквост и за матичната евиденција (се изедоа од мака што не им помина владиниот обид за истополови брачни заедници и промена на полот со обична изјава пред МВР, бидејќи тоа било услов од ЕУ и НАТО), рече: „Никој не може да го оспори правото на црквата да протестира, секој има уставно право на тоа, но, според информациите што доаѓаат на овие теми, чудно ми е што црквата првпат повикува на протест по тој повод. Мислам дека имавме многу потешки дилеми со кои се соочија црквата и државата“. На новинарското прашање дали има руското влијание во протестот на МПЦ-ОА, Пендаровски одговори дека тоа постои и продолжи: „Руско влијание неспорно имаше и при упадот на 27 април во Собранието… има такви елементи и во највисокото раководство на Синодот, тие го знаат тоа… Се базирам на извештаите… на Агенцијата за разузнавање, членка сме на НАТО, од 30 други земји членки, од 30 други служби добивам информации, бидејќи сме дел од тој заеднички систем за споделување информации од разузнавачки и безбедносен карактер… Во тоа партнерство ни помагаат доста и имаме доволно информации што се случува, не само со МПЦ!“ Во оваа своја изјава Стево Пендаровски додава: „И во бизнис-заедницата на високи позиции има луѓе што одработуваат за Русија додека си го тераат својот бизнис, во политички партии има луѓе што се поврзани со руските служби, и тоа не од сега!“ Заборави само да каже зошто Заев си го продаваше ајварот во Руската Федерација. Или, зошто грчкиот олигарх со руско потекло Иван Савидис, сопственик на фудбалскиот клуб ПАОК, кој наводно ја финансирал кампањата за бојкот на референдумот на 30 септември 2018 година за членство во ЕУ и НАТО и договорот Димитров-Коѕијас, на крајот ја платил новогодишната прослава на 1 јануари 2018 година на Зоран Заев со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис во Солун?!
Е, да… која едноставна алатка си ја одбра СДСМ: На секој неистомисленик веднаш му лепат етикети „српски свет“, „руски свет“, „српско влијание“, „руско влијание“, „соработници на руските служби“, како во времето на Енвер Хоџа во Албанија: Фалат уште бункери и инквизицијата од средниот век за сите што се противат на владината цензура, бидејќи тие се „господарите“ на вистината! Забораваат дека народот гледа со кои светови токму ТИЕ ја обезличија Македонија: грчкиот, американскиот, бугарскиот, албанскиот, францускиот свет… Нели, некои луѓе може да се лажат некое време, ама сите луѓе не може да се лажат цело време.
Порано имавме експозитура на Сорос, денес Сорос во Македонија има цела партија извршители – врховисти и колаборационисти. Индоктринацијата остави длабоки корени во општеството.
Фрчкоски, очигледно погрешно брифиран, ја развива приказната за македонското црковно прашање: „По решавањето на спорот со Грција со Преспанскиот договор 2018 и имањето Договор за добрососедство со Бугарија 2017 (што е резултат на прозападните левичарски влади во земјата), за Македонската црква се отвори прозорец на можности за репоставување на прашањето за општо признавање на автокефалноста“. За Фрчкоски решението на македонското црковно прашање било во Стево Пендаровски, Зоран Заев и Димитар Ковачевски и нивната кореспонденција со грко-православниот патријарх на Истанбул – „нејзиното признавање веќе не зависи од ниедна друга помесна црква, туку само од одлука на Вселенскиот престол во Цариград“. Тоа, според Фрчкоски, било „во хармонија со политичките дипломатски успеси на постигнатите договори и продори на македонскиот премиер Заев“.
Фрчкоски вели дека „прозападното или прогресивно крило во Македонската црква (ако така може малку шематски да се каже) успева да ги убеди архиепископот Стефан и Синодот (на 9 ноември 2017 година – м.з.) да напишат писмо до Бугарската црква таа да ја преземе улогата на „мајка црква“, на промотор на нашиот спор со Србите, и да го постави директно прашањето на нашата автокефалност, без дополнителни перипетии, пред Синодот на Цариградската патријаршија“, затоа што „до 1945 година последна канонска јурисдикција на овие простори е Бугарската егзархија“.
Фрчкоски прозападното крило го смета за „голем дипломатски, црковен и политички успех на Македонската црква, кој ги следи и е во хармонија со политичките дипломатски успеси на постигнатите договори и продори на македонскиот премиер Заев. Тој и претседателот Пендаровски пишуваат до вселенскиот патријарх Вартоломеј писма за помош на нашата црква во нејзиното посакувано и заслужено признавање како автокефална и еднаква со сите други под хиерархија на Вселенскиот престол“. Фрчкоски оценува дека „следува завршен триумф на овој пат со одлуката на Канонската арбитража на Вселенската патријаршија (уффф, малку ми се мачи од нивниве титули и вокабулар) од 9 мај 2022 година, која се нарекува Патријаршиски синодален акт со кој архиепископот Стефан, клерот и верниот народ (па, па, па) се примени во евхаристиско општење (ваууу)“. А, „името на нашата црква во православниот свет би било Охридска архиепископија – Православна црква на Република Северна Македонија. Името што сега го има МПЦ може да се задржи во внатрешна употреба и немало потреба да се менува Уставот на МПЦ. Такво именување имаат компаративно сите православни цркви: значи православна црква на …, а не Македонска, Украинска, Албанска и сл. Со првиот дел од името – Охридска архиепископија, се признава и одржува историскиот континуитет како најстара црква во православието на регионот“. Фрчкоски мисли дека со тоа „е надмината 55-годишната изолација на МПЦ-ОА и со Константинополскиот процес целосно канонски се заокружи нејзиното постоење“.
Фрчкоски информира дека предавањето на томосот од Грко-православната патријаршија на Истанбул бил „договорен на средбата на 12 јуни 2022 година (присутен е и премиерот Ковачевски), каде што вселенскиот патријарх Вартоломеј му кажува на архиепископот Стефан дека томосот за автокефалност ќе ни биде врачен во црквата „Света Софија“ во Охрид, летото 2023, во свечена формална процесија“.
Арно ама, Фрчкоски тврди дека проработела просрпската и проруската опција во Синодот, која успеала „да го придобие архиепископот Стефан, да се алармира, да се направи пресврт и да се блокира веќе завршената работа за нашата автокефалност кај Вселенскиот престол во Цариград. Овие сили во црквата успеваат, тотално нејасно и скандалозно, историски губитнички да ја блокираат готовата победа во процесот на стекнување автокефалност директно од изворот – Цариградската патријаршија, и тоа на самиот крај“. Се разбира, за Фрчкоски грчкиот свет е светот на Исус Христос, папокот на православието…
Тодор Петров
(продолжува утре)
































