Фото: Кабинет Силјановска - Давкова

На избори се добива мандат – не тапија на татковината. Ниту една партија, власт или генерација не е сопственик на Македонија. Ние сме нејзини привремени чувари меѓу оние што ја сонувале и оние што ќе ја наследат – порача Раде Силјан во своето слово по повод примањето на Орденот „8 Септември“, на свеченоста по повод 35-годишнината од независноста на Македонија.

Во обраќањето, Силјан ја опиша самостојноста како историски избор, а слободата како трајна јавна обврска.

 – Самостојноста и независноста имаат датум. Слободата има секојдневје. Совеста е нејзината мера – рече Силјан, нагласувајќи дека суверенитетот не значи само право самостојно да одлучуваме, туку и зрелост сами да управуваме со себе.

Тој порача дека патриотизмот не се мери со големината и гласноста на политичките говори, туку со одговорноста што стои зад секоја одлука.

 – Патриотизмот не се мери со гласноста на говорите, туку со тишината во која совеста ја проверува секоја одлука. Се докажува со правда што не се продава, знаење што не се казнува и труд што не се понижува – истакна Силјан.

Со тоа, како што порача, се поставува мерката за секоја власт, политичка партија и генерација на која граѓаните ѝ доверуваат јавен мандат.

Силјан нагласи дека Македонија е заеднички дом на сите нејзини граѓани – дом во кој никој не треба да се откаже од сопствениот идентитет за да се чувствува како негов дел.

 – Македонија е заеднички дом на сите свои граѓани – дом во кој никој не мора да се откаже од себе за да биде дома – порача тој.

Фото: Раде Силјан

Во тој контекст, посочи дека македонскиот јазик треба да се чува и негува, но без негирање на другите јазици.

Посебен дел од обраќањето посвети и на односите со соседите и европската иднина на државата.

 – Со соседите да разговараме без омраза и без самозаборав, а кон Европа да одиме со отворена книга, но без избришани страници. Помирувањето не бара заборав, а рамноправноста не бара самооткажување – рече Силјан.

Според него, едно од најважните прашања за државата денес не е само како другите гледаат на нашето минато, туку дали младите во Македонија ја гледаат својата иднина.

 – Држава од која заминуваат децата останува без идно време – порача Силјан.

Тој додаде дека на генерациите што доаѓаат не им должиме само историја со која ќе се гордеат, туку и сегашност во која ќе сакаат да живеат и иднина поради која нема да мораат да заминат.

 – На поколенијата што доаѓаат не им должиме само историја со која ќе се гордеат, туку и сегашност од која нема да мораат да заминат и иднина што ќе сакаат да ја живеат тука – истакна Силјан.

На крајот, тој направи јасна разлика меѓу признанието што го прима и одговорноста што ја носи слободата.

 – Орденот се носи на градите. Слободата се носи како одговорност – порача Раде Силјан.