Најскапиот стан продаден во Србија во првата половина од 2026 година чинел 2,6 милиони евра, а за квадратен метар биле платени 12.000 евра, соопшти српскиот Републички геодетски завод.
Станот се наоѓа во белградската општина Стари Град. Најскапата куќа била продадена во општината Савски Венац за 2,1 милион евра, додека најскапото гаражно место во Стари Град било платено 77.000 евра.
Вкупната вредност на пазарот на недвижности во Србија во првите шест месеци од годинава изнесувала 4,2 милијарди евра, што претставува раст од 10,1 процент во споредба со истиот период во 2025 година.
Во овој период биле склучени 61.343 купопродажни договори, односно 0,2 проценти повеќе од претходната година.
Најголем дел од вкупната вредност на прометот се однесувал на становите, за кои биле издвоени 2,5 милијарди евра или 61 процент. Вредноста на продадените станови се зголемила за 11,4 проценти, иако бројот на купопродажни договори бил намален за 1,9 процент.
Цените на становите продолжиле умерено да растат, со годишна стапка од 5,25 проценти.
За купување куќи биле издвоени 328 милиони евра или осум проценти од вкупниот промет, за градежно земјиште 282,8 милиони евра или седум проценти, за деловни простории 212,9 милиони евра или пет проценти, а за земјоделско земјиште 125,6 милиони евра или три проценти.
Според новиот извештај за статистиката на цените на недвижностите, просечната цена на продаден стан во Србија во првата половина од годинава изнесувала 100.157 евра, а на куќа 39.334 евра.































