АНДРЕЈ ЃОРЃИЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ, ТРЕНЕР И КАПИТЕН НА ВК МКД МАСТЕРС
- Со вакви натпревари, како и поширока медиумска афирмација, овој вид ватерполо станува сѐ попопуларно,, со можност уште повеќе да се развие и затоа би било добро во иднина да му се посвети што повеќе внимание, вели Ѓорѓиевски
Тоа е повеќе од спорт, чиста страст, настан што собира врвни екипи во елитна и опен мастерс-конкуренција. Со медитерански мирис и спортски шарм, а под мотото „Страст, пријателство, почит и мастерс-дух“, во неделата во Дубровник, Хрватска, заврши првото официјално Светско првенство (СП) во ватерполо 4х4 „Дубровник 2026“. Станува збор за нов и иновативен формат на ватерполо-играта, кој ја доживеа својата светска премиера во Дубровник, под капата на Меѓународната организација за водни спортови.

Малкумина можеби чуле, а за многумина претставува и целосно изненадување постоењето на овој спорт, кој станува сѐ популарен во светот, а во Дубровник свој претставник имаше и Македонија. Тоа беше екипата на МКД Мастерс, која се натпреваруваше во втората по квалитет конкуренција, наречена Опен.
– На ова СП учествуваме како екипа составена од осум играчи, во која најмладиот играч Николас Трајчевски е 13-годишно момче, кое сега дојде во Македонија да учи и тренира ватерполо со нас. Јас сум најстар во екипата со 43 години, капитен, тренер, претседател на клубот и судија на ова СП. Нашиот клуб има вкупно 18-19 играчи, од нив еден сега запиша факултет, додека еден има 28 години и неодамна допломираше медицина. На СП се натпреваруваме со екипи од Хрватска, Украина, Катар… и задоволен сум од играта што ја прикажавме тука. На нашиот турнир имаше осум екипи, а на турнирот Елит, каде што играат квалитетни нации, имаше 20 машки и осум женски екипи, кои играа на пристаништето во Дубровник, а ние во малото место Млини, кое припаѓа на општината Дубровник. Како капитен на екипата, минатата недела учествував на Европското првенство за ветерани и како судија и како играч, но настапив за екипата на Загреб – појаснува Ѓорѓиевски.
Зошто токму МКД Мастерс е името на клубот, во кој доминира искрено спортско другарство, заедништво и љубов кон ватерполото?
– Ние така го нарековме нашиот клуб од зборот мастерс, што на англиски значи ветерани, но овде не играме во ветеранската, туку во отворената конкуренција – вели капитенот и претседател на клубот МКД Мастерс, Андреј Ѓорѓиевски.
Но малкумина знаат дека овој вид на ватерполо во Македонија се игра веќе петнаесетина години!
– Ние го играме овој вид на ватерполо петнаесетина години, и тоа во Охрид, Струга, Пештани… Годинава сепак за првпат се официјализира на светско ниво со сите нови правила. Правиме по два турнира секое лето. Месното население добро го знае тоа. На пример во Струга на 2 август сме присутни веќе пет години, а нѐ гледаат и по 10.000 луѓе. Паралелно со ватерполото, во Струга се одржуваат и трки во пливање, скокови во вода, веслање. Тоа го правиме во коритото на реката Дрим, а во тој период и од горната и од долната брана се стопира реката Дрим – појаснува Ѓорѓиевски.
Што е суштината на овој вид ватерполо 4х4, односно новите правила што се применуваат?
– Ватерполото како спорт, сега со овие правила е многу побрзо, темпото на игра би рекол е убиствено, се плива нонстоп, нема пауза, нешто слично како ракомет на плажа. Исто така е многу попристапно и за публиката и затоа таа доаѓа во голем број да нѐ гледа. Играме близу клупски ватерполо-простории, на плажи, до хотели, односно нема потреба да доаѓаат на трибините од базените. Од правилата што се интересни е тоа што еден гол може да важи како за два, ако е даден подалеку од половина на игралиштето, понатаму исклучениот играч не е надвор од играта цели 20 секунди, туку само оди до корнерот и веднаш се враќа во игра. Голот е помал за 40 см и е долг 2,5 метри, па многу потешко се даваат погодоци. Димензиите на игралиштето се 15 метри должина и 12 метри ширина. Ние, всушност, овие правила буквално ги применуваме веќе петнаесетина години кај нас, па изгледа како ние да сме ги создале. Овој вид на ватерполо многу се игра и во Далмација, Италија, Шпанија и други држави – вели Ѓорѓиевски.
Интересот за ова СП во Дубровник беше огромен.
– Секоја вечер беше полно со публика, која навиваше, а со тоа создаваше одлична атмосфера на натпреварите. Парични награди не постојат, се доделуваат само пехари. Овде дуелите се пренесуваа во живо, имаше посебен линк, а и видеопренос со камера, со шо се зголемуваше и популарноста. Особено спектакуларно беше во елитниот дел, каде што играа квалитетни екипи од Хонгконг, Монголија, Либија, Австралија, САД, Канада, Русија, Европа, Африка. Но за нив претходно има квалификациски турнир, на кој треба да се пласираат за настап на ова СП – додава Ѓорѓиевски.
Ватерполото 4х4 според Ѓорѓиевски има своја иднина.
– Ватерполото со вакви натпревари, како и поширока медиумска афирмација, секако станува сѐ попопуларно, со можност уште повеќе да се развие. Едноставно овој вид ватерполо е убав спорт и сметам дека има своја иднина, оти е многу е побрзо, подинамично, повозбудливо од стандардното и затоа добро би било и во иднина да му се посвети што повеќе внимание– дециден е Ѓорѓиевски.
Боите на МКД Мастерс на СП во Дубровник во категоријата опен ги бранеа: голманот Матеј Станчевски, капитенот и тренер Андреј Ѓорѓиевски, Николас Трајчевски, Владимир Шутовски, Иван Шутовски, Ѓорѓи Николовски, Бојан Ѓуров и Петар Мицевски. Г.И.
































