Фото: Пиксабеј

Шпанската државна метеоролошка служба АЕМЕТ го потврди највисокиот дневен температурен рекорд годинава, откако денеска во Ел Гранадо, во јужна Андалузија, беа измерени 45,7 степени Целзиусови.

Температурата го надмина и претходниот септемвриски рекорд од 2016 година, измерен во Монторо, исто така во Андалузија, иако податоците засега се привремени.

Екстремно високите температури се очекува да продолжат и во наредните денови, со околу 40 степени Целзиусови во делови од Шпанија, особено во долината на Ебро и јужните региони. На Мајорка се очекуваат температури до 36 степени.

АЕМЕТ годинава регистрираше четири топлотни бранови, сите од јуни наваму. Летото во Шпанија го одбележаа и таканаречените „тропски ноќи“, кога температурите не се спуштаа значително, а во август крај брегот на Мајорка беше измерена рекордна температура на морската вода од над 33 степени, пренесе ДПА.

Експертите предупредуваат дека климатските промени придонесуваат топлотните бранови да стануваат поинтензивни, подолги и почести.