Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест физички и две правни лица, осомничени за проневера и перење на над 2,2 милиони евра.
Според Обвинителството, парите биле проневерени преку изготвување и доставување лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до повеќе надлежни институции и општини, како и преку невистинити уплатници за надоместок за јавни патишта.
Истрагата е поведена по кривична пријава поднесена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.
Како првоосомничен е опфатен сопственик и управител на правно лице од село Кучевиште, кое вршело дејност технички преглед на возила. Тој истовремено бил неизвршен член на Одборот на директори во осигурително брокерско друштво.
За него постои основано сомнение дека сторил кривични дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
За помагање при извршувањето на делата се осомничени двајца извршни членови на Одборот на директори на осигурителното брокерско друштво, како и овластен сметководител и управител на друштво за книговодствени услуги и консалтинг.
Раководителот на станицата за технички преглед и помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта се осомничени за помагање при извршувањето на кривичното дело „Проневера во службата“.
Со истрагата се опфатени и две правни лица осомничени за „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според досега обезбедените докази, во периодот од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година, првоосомничениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил 138.877.419 денари.
Обвинителството сомничи дека останатите осомничени со умисла му помогнале во извршувањето и прикривањето на кривичното дело.
Како управител на правното лице што вршело технички преглед на возила, првоосомничениот изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до повеќе институции и општини, како и невистинити уплатници за надоместок за јавни патишта.
Раководителот на станицата за технички преглед, како овластено лице, изготвувал и потпишувал фактури и доставувал извештаи со невистинити податоци за наплатените надоместоци.
– Со цел прикривање на паричните средства, наплатените надоместоци биле уплаќани на сметки на осигурително брокерско друштво. Извршните членови на Одборот на директори знаеле или требало да знаат дека дел од приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од дејноста на осигурување – информираат од Обвинителството.
Според обвинителските наводи, средствата биле префрлани меѓу сметките на правните лица и мешани со приходите од редовното работење, а дел од парите биле искористени и за купување недвижности во корист на правното лице.
Осомничениот сметководител, пак, евидентирал невистинити податоци во сметководствената документација и поднесувал даночни пријави и годишни сметки кои, според Обвинителството, не ја прикажувале реалната финансиска состојба на правното лице.
Во случајот е опфатена и помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта. Иако била должна да ја следи наплатата на надоместоците и да ги проверува доставените извештаи, таа, според Обвинителството, свесно не ги презела потребните дејствија.
Дополнително, таа го известувала осомничениот раководител на станицата за технички преглед за износите наплатени на сметката на ЈПДП, наместо правното лице да доставува месечни извештаи до претпријатието.
Со дејствијата што се предмет на истрагата, според ОЈО ГОКК, била прибавена противправна имотна корист од 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра, на штета на повеќе институции и општини.
Поради постоење законски услови и со цел обезбедување на присуството на осомничените во текот на истражната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за тројца осомничени.
За еден од осомничените е предложено определување мерки на претпазливост.































