Фото: Принтскрин

Армиски и полициски хеликоптери, заедно со „ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), утрово даваат воздушна поддршка во гаснењето на големиот пожар кај селото Грачани.

Во акцијата се вклучени и скопските пожарникари, како и огнените тимови на ДЗС со „пинцгауери“. Сите тимови заеднички дејствуваат врз пожарот, кој е активен и од македонската и од косовската страна.

Раководителот на Главниот кризен штаб, Стојанче Ангелов, објави видео на кое се гледа како армиски хеликоптер полни вода од вливот на реката Лепенец во Вардар, по што ја користи за гаснење на пожарот.

Ангелов упати благодарност до пилотите и до воздухопловно-техничкиот персонал кој овозможува непречено функционирање на леталата.

 – Особено голема благодарност до воздухопловно-техничкиот персонал, без чија поддршка на земја ќе биде невозможно дејството на хеликоптерите и ‘ер тракторите – напиша Ангелов.

Претходно, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека до 7:30 часот биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор. Еден од нив, пожарот кај Грачани, останува активен, три се под контрола, а 27 се изгаснати.