Две лица утрово биле спасени од тунел на хидроелектрана во Непал, девет дена по катастрофалните поплави што ја погодија земјата. Во меѓувреме, повеќе од 4.000 луѓе сè уште се водат како исчезнати, пренесе „Си-ен-би-си“
Двете лица биле извлечени од тунелот на хидроелектраната „Upper Trishuli 3A“, потврдил член на непалскиот парламент.
Спасувачките операции продолжуваат, а во потрагата по исчезнатите се вклучени повеќе од 500 инженери и други експерти. Властите се надеваат дека сè уште има преживеани меѓу приближно 900 лица кои се водат како исчезнати во шест хидроелектрани, каде што во моментот на поплавата работеле или побарале засолниште во тунелите.
Повеќе од 500 инженери и експерти формирале WhatsApp група преку која разменуваат планови и информации за распоредот на хидроелектраните и тунелите. Целта е да им се помогне на спасувачките екипи да ги лоцираат затрупаните влезови и можните места каде што би можело да има преживеани.
Потрагата дополнително ја отежнува фактот што поплавите значително го промениле теренот околу тунелите и во нив нанеле огромни количества кал, камења и друг материјал. Според проценките, во долината на реката Тришули останале околу 2,2 милиони тони наноси и отпад, а на одредени места влезовите во тунелите биле целосно затрупани.
Во хидроелектраната „Расувагади“, спасувачите успеале да навлезат околу 250 метри во тунелот, но потрагата била запрена поради голема пречка. Операцијата, сепак, продолжува.
Во „Upper Trishuli 3A“, на спасувачите им биле потребни речиси шест дена да стигнат до тунелот, бидејќи неговиот влез бил затрупан. Во исто време, тие се обидувале да внесат кислород во можните воздушни шуплини во тунелите, во надеж дека таму можеби има заробени лица.
Во катастрофалните поплави, предизвикани од уривање на глечер, загинале повеќе од 1.200 луѓе, додека над 4.000 сè уште се водат како исчезнати.
Катастрофата предизвикала и огромна штета врз енергетскиот систем на земјата, уништувајќи околу 10 проценти од вкупниот капацитет на Непал за производство на електрична енергија.

































