Судир на европскиот север и југ околу новиот буџет на Унијата
- Разговорите за новиот седумгодишен буџет на ЕУ се во ќор-сокак со месеци, при што ниту еден од таборите нема намера да отстапи. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, е на турнеја низ главните градови за да ги ублажи несогласувањата и да ги постави темелите за договор до крајот на годинава, бидејќи се смета дека националните избори во Франција, Шпанија и во Италија в година можат да резултираат со промени и дополнително да ги нарушат преговорите за буџетот
- Република Ирска ќе ги праша 27-те министри за Европа на ЕУ, кои ќе присуствуваат на денешниот состанок во Даблин, „каква рамнотежа треба да се постигне“ во финансирањето на различните области од буџетот на европскиот блок
Република Ирска ги засилува напорите за деблокирање на разговорите за следниот седумгодишен буџет на ЕУ, откако европските влади се поделени околу големината и целите на планот за трошење, при што ниту една страна не покажува знаци на отстапување. Даблин, кој го има ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ и ги води преговорите, има намера на денешниот министерски состанок да ги праша владите за мислење кои делови од буџетот треба да добијат повеќе или помалку пари.
На овој проблем на Брисел особено внимание деновиве му обрна реномираниот медиум „Политико“. Од повеќето медиуми што се осврнаа на оваа тема, токму „Политико“ анализираше и известуваше најдетално.
Брисел во буџетски ќор-сокак
Разговорите за новиот седумгодишен буџет на ЕУ се во ќор-сокак со месеци, при што ниту еден од таборите нема намера да отстапи. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, е на турнеја низ главните градови за да ги ублажи несогласувањата и да ги постави темелите за договор до крајот на годинава, бидејќи се смета дека националните избори во Франција, Шпанија и во Италија в година можат да резултираат со промени и дополнително да ги нарушат преговорите за буџетот.
Даблин затоа се обидува да го премости јазот помеѓу група северни земји предводени од Германија, кои се познати како „штедливи“ и кои вршат притисок за намалување на предлогот на Европската комисија од речиси два билиона евра за стотици милијарди, и ривалскиот блок јужни и источни земји – таканаречените пријатели на кохезијата – кои бараат вкупно зголемување на субвенциите за земјоделците и регионалните исплати. Република Ирска ќе ги праша 27-те министри за Европа на ЕУ, кои ќе присуствуваат на денешниот состанок во Даблин, „каква рамнотежа треба да се постигне“ во финансирањето на различните области од буџетот. И ќе побара од нив „прагматично да пристапат кон одговорите и со посветеност на компромис и градење консензус, за да помогнат во целта за постигнување едногласен договор годинава“.
ЕК со структура на паричен фонд во четири широки групи
Во својот почетен предлог, Европската комисија го структурираше паричниот фонд во четири широки групи: земјоделство и кохезија, конкурентност и безбедност, странска помош и трошоци за работење на институциите на ЕУ.
Но владите се во несогласување околу тоа колку пари да се доделат за секоја област. Повеќето северни земји сакаат парите да се трошат за одбрана, иновации и за конкурентност, што сочинува приближно една петтина од предлогот на комисијата – додека пријателите на кохезијата се борат да го зачуваат финансирањето за земјоделството и посиромашните региони, кои сочинуваат приближно 45 проценти.
За да идентификува потенцијален пат до компромис, Р Ирска прашува дали постојат „посебни елементи на кои треба да им се даде приоритет и/или да не им се даде приоритет“ од секоја категорија на трошење. На денешниот собир, Ирска ќе го провери расположението пред откривање нов преговарачки документ во кој ќе бидат наведени бројките за трошење пред состанокот на лидерите на ЕУ на 15 октомври.
ЕК растрчана на сите страни заради лобирање
За да се олесни постигнувањето договор, ирскиот министер за Европа, Томас Бирн, треба да одржи билатерални средби со некои од неговите колеги за време на дводневниот состанок во Даблин. Бирн треба да продолжи со дискусиите еден на еден за време на друга министерска дискусија во Брисел на 22 септември, која ќе се фокусира на вкупната големина и даноците на ниво на ЕУ, или „сопствените ресурси“, за финансирање на буџетот.
Почетната точка на Даблин е преговарачката рамка презентирана во јуни од страна на кипарското претседателство, која предвидуваше намалување од два процента од предлогот на комисијата, што беше оценето како премногу мало од страна на блокот на штедливите. Германија и нејзините сојузници, исто така, го критикуваа Кипар за непропорционално намалување на финансирањето за конкурентност, додека ги зголемуваа предложените земјоделски и регионални трошоци. Тие извршија притисок врз ирското претседателство да го врати она што го сметаат за вистинска рамнотежа. Р.С.
„Штедливите“ не отстапуваат од барањата за кратење на буџетот
Фридрих Мерц: На ЕУ ѝ се потребни реализам и реформи
Шест земји од ЕУ ги повторија барањата за драстично помал иден седумгодишен буџет на ЕУ во време кога националните влади се соочуваат со „болна фискална консолидација“ дома. Германскиот канцелар Фридрих Мерц организираше ручек за лидерите на Данска, Австрија и Финска, при што холандските и шведските колеги се придружија преку видеоврска, додека преговорите за предложениот буџет на ЕУ од два трилиона евра на Европската комисија се забрзуваат пред самитот во октомври.
Во разговор со печатот по состанокот, германскиот лидер рече дека на ЕУ ѝ се потребни „реализам и реформи“, истакнувајќи дека групата од шест земји сочинува околу 40 отсто од целиот буџет на ЕУ.
Групата ја исклучи можноста за ново заедничко задолжување и какво било зголемување на бројот на вработени во ЕУ, но во соопштението не се споменуваат контроверзните „сопствени ресурси“ или новите даноци – дизајнирани да обезбедат нови приходи за да се намали нивото на директни национални придонеси. Р.С.
































