- Тоа не беше само концерт. Тоа беше Македонија како единствено чувство, како божествен глас, како паметење и како порака до светот. Многу илјадници гласови се споија во едно чувство, Македонија покажа дека нејзината најголема сила не е во поделбите, туку во она што сите нè поврзува. Ова беше нашето „ДА“ на светот. Да – ние сме тука. Да – имаме своја приказна. Да – имаме своја култура, свој мелос, свој идентитет и своја визија за иднината. И да – како Македонци и како македонска нација – го заслужуваме своето место под отвореното небо на светот. Тоа беше вечер за паметење. Песни за генерации. Македонија – во еден глас!
Под отвореното скопско небо, во срцето на Македонија, музиката го направи она што понекогаш не можат да го направат ниту политиката ниту зборовите – таа нè обедини. Во годината кога одбележуваме 35 години независна македонска држава, на плоштадот „Македонија“ се случи вечер во која македонската песна застана рамо до рамо со највисоките дострели на светската музичка уметност. Од Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Наум Петрески, преку Маја Оџаклиевска, Каролина, Калиопи и Влатко Стефановски, до Ана и Игор Дурловски, Дешира Амети-Крлиу и величествениот оперски глас на Хозе Карерас – сите различни, а сепак во истата песна. Тоа беше вечер во која Македонија не извикуваше пароли, туку со својата култура, со својата музика, со својата творечка сила и со достоинството на своите луѓе – испрати јасна порака. Вечер, осветлена со македонското сонце, во која илјадници срца покажаа дека националното и универзалното не се спротивности – туку напротив, најсилно се допираат токму преку уметноста. Зашто народ и нација што умеат да ја претворат својата историја во песна, својата болка во убавина, а својата љубов кон татковината во културен чин, имаат што да му кажат на светот.
И затоа оваа сцена беше поголема од еден концерт. Таа беше македонски потпис и печат под отворено небо. Порака дека постоиме, дека создаваме, дека припаѓаме на големото семејство на култури и народи што со својата различност го збогатуваат човештвото. Порака дека македонскиот јазик, песна, мелос и дух имаат свое место меѓу универзалните човечки вредности.
Три и пол децении по прогласувањето на независноста, можеби токму вака треба да изгледа нашето заедништво. Без поделби пред сцената, без прашањето „кој е повеќе или помалку Македонец“, туку со едно едноставно чувство – дека ова е нашата земја и дека ова е нашата песна. Македонија во вторникот вечерта пееше за себе, но и му пееше на светот.
И додека под истото небо одекнуваше музиката, остана една силна, тивка и достоинствена порака: Ние сме тука. Како Македонци, како нација, како култура – со право на свое место, на свое име, на свој идентитет и на свој дел под небото! Р.Н.М.
































