Македонците во Албанија не се статистика, а матицата се појавува таму каде што животот е најтежок

  • Македонците во Албанија не смеат да бидат малцинство само на хартија, препознаено во документи и статистики, а невидливо кога треба да се решаваат реалните проблеми. Ако Албанија сака да се претставува како европска држава со високи демократски стандарди, тогаш заштитата на малцинствата не може да биде прашање на добра волја. Тоа е обврска. Правото на јазик, образование, културен идентитет, политичко организирање и еднакви можности не може да зависи од тоа дали некој функционер во одреден момент има политички интерес да го слушне гласот на заедницата

Има реченици што не треба да се читаат само како изјава на еден човек, туку како предупредување до две држави. „Не сме бројки, ниту декор за празници“ е една од тие реченици. Зад неа не стои политички слоган, туку тивка и долготрајна мака на македонската заедница во Албанија – луѓе што сакаат да останат тоа што се, но истовремено сакаат да имаат услови за нормален живот. И токму тука е суштината на проблемот.

Една заедница не се брани само со средби и свечености, концерти, знамиња и пригодни говори. Се брани со училишта. Со јазик. Со институции. Со економски можности. Со политичка застапеност. Со перспектива за младите. Со чувство дека државата во која живеат ги гледа како рамноправни граѓани, а државата со која го делат идентитетот не ги заборава.

Албанската држава тука има прва и неспорна одговорност. Македонците во Албанија не смеат да бидат малцинство само на хартија, препознаено во документи и статистики, а невидливо кога треба да се решаваат реалните проблеми. Ако Албанија сака да се претставува како европска држава со високи демократски стандарди, тогаш заштитата на малцинствата не може да биде прашање на добра волја. Тоа е обврска. Правото на јазик, образование, културен идентитет, политичко организирање и еднакви можности не може да зависи од тоа дали некој функционер во одреден момент има политички интерес да го слушне гласот на заедницата. Уште помалку е прифатливо Македонците да бидат повикувани на сцена кога треба да се покаже „мултикултурниот карактер“ на државата, а потоа да бидат оставани сами кога ќе се исклучат рефлекторите. Тоа не е вистинска интеграција. Тоа е декоративен мултикултурализам. Но и Скопје мора да го чуе овој глас. И можеби токму тука е најболниот дел од приказната. Зашто не може македонската држава да очекува Македонците во Албанија сами да го носат товарот на својот идентитет, додека институционалната поддршка се појавува главно во форма на културен календар. Културата е неопходна. Но културата не може да биде замена за политика кон сопствениот народ надвор од границите. Концертот трае една вечер. Една книга останува. Но и училиштето мора да остане. Еден говор може да биде убав. Но и институционалната помош мора да биде конкретна. Едно знаме може гордо да се развее. Но зад него мора да стои заедница што има иднина. Токму затоа предупредувањето дека некои од луѓето, поради економски тешкотии и недостиг од поддршка, се насочуваат кон бугарско државјанство треба да се сфати крајно сериозно. Не затоа што идентитетот може административно да се изгуби прекуноќ.
Туку затоа што секоја држава што не создава услови луѓето да останат, да работат и да ги воспитуваат своите деца во сопствениот идентитет – постепено го губи највредното што го има: луѓето. Затоа на македонската држава не ѝ треба уште еден свечен состанок. Ѝ треба долгорочна стратегија. Треба да се слушнат луѓето од Мала Преспа, Голо Брдо, Пустец и другите средини каде што македонскиот збор и македонската традиција опстојуваат со децении. Треба да се прашаат што им треба, а не што би изгледало добро во извештај. Треба поддршката да стигне до семејствата, младите, училиштата и локалните организации.

  • Предупредувањето дека некои од луѓето, поради економските тешкотии и недостигот од поддршка, се насочуваат кон бугарско државјанство треба да се сфати крајно сериозно! Не затоа што идентитетот може административно да се изгуби прекуноќ. Туку затоа што секоја држава што не создава услови луѓето да останат, да работат и да ги воспитуваат своите деца во сопствениот идентитет, постепено го губи највредното што го има: луѓето!

И треба македонската дипломатија да биде поактивна, посистематска и похрабра во разговорите со Тирана – не конфронтирачка, туку јасна. Зашто добрососедството не значи молчење за проблемите. Напротив. Вистинското добрососедство подразбира отворено и цивилизирано барање права за сите граѓани и за сите заедници.
Македонците во Албанија не бараат привилегии. Не бараат да бидат над другите. Бараат да не бидат под другите. Бараат нивните деца да можат да го изучуваат својот јазик. Бараат да можат да го живеат својот идентитет без страв и без чувство дека тој идентитет е товар. Бараат економска перспектива. Бараат институциите да ги слушаат.
И, пред сè, бараат да не бидат запаметени само кога ќе дојде празник. Ова не е романтична приказна за минатото. Ова е прашање за иднината. Зашто ако сакаме по сто години да има Македонци во Албанија што ќе зборуваат македонски, ќе ја знаат својата историја и ќе се чувствуваат гордо поради своето потекло, тогаш мораме да направиме нешто денес. Албанија мора да покаже дека своите малцинства ги гледа како рамноправни граѓани, а не како статистички податок.

Македонија, пак, мора да покаже дека своите сонародници ги гледа како жива заедница, а не како публика за државни свечености. Затоа пораката од Албанија не треба да ја дочекаме со навреда, со партиска пресметка или со уште едно ветување. Треба да ја дочекаме со работа. Зашто Македонците во Албанија не бараат да им се подари иднината. Тие бараат да не им биде одземена. И можеби токму затоа најважното прашање денес не е колку Македонци има во Албанија. Најважното прашање е што ќе направиме за тие што останаа и дали ќе им дадеме доволно причина да о(п)станат.