Фото: „Нова Македонија“

Повод: НАТО бара од Шпанија и Грција да отстапат од својот задолжителен одбранбен арсенал пресретнувачки ракети „патриот“ за Украина

  • Притисокот врз Шпанија и Грција да отстапат од својот задолжителен одбранбен арсенал пресретнувачки ракети „патриот“ за Украина го отвора прашањето каде завршува, а каде почнува колективната одбрана, каде започнува линијата на една „колективна“ милитантна аспирација и каде е црвената линија што го омеѓува националниот интерес на безбедносно-сигурносното поле

Притисокот врз Шпанија и Грција да ѝ обезбедат на Украина пресретнувачки ракети „патриот“ отвора многу поширока дилема од самото прашање колку ракети може да се испратат во Киев. Зад најновото барање на сојузниците се крие едно суштинско прашање за иднината на европската безбедност. Имено, до каде треба да оди трендот на европскиот амбициозен милитаризам, а до каде солидарноста на колективната безбедност и одбрана? И последно споменатото, што кореспондира со приоритетот – а тоа е националниот интерес?!

НАТО е изградено врз принципот дека нападот врз еден сојузник е напад врз сите. Од друга страна, Украина не е членка на НАТО, а од Шпанија и Грција сега се бара дел од сопствените есенцијални одбранбени резерви да насочат кон украинскиот проективен, офанзивен воен потенцијал.

Сложен судир меѓу „колективната“ воено-безбедносна амбиција и националниот интерес

За Украина, секој систем за противвоздушно оружје е прашање на продолжување на воениот судир, додека за Атина и Мадрид истите тие ракети се дел од сопствената безбедносно-одбранбена архитектура. Затоа логично се поставува прашањето дали една држава може да биде убедена да го намали сопственото ниво на безбедност за да го зголеми нивото на проективен и офанзивен воен потенцијал на друга држава. Дополнително се поставува прашањето, во овој случај, кој треба да одлучи кога таа амбиција е прифатлива. Националната влада, НАТО, Европската Унија или сите заедно?

Токму тука европската „соработка“ може да се претвори во политички притисок врз националните влади. Она што од Брисел може да изгледа како неопходен европски придонес, во Атина или Мадрид може да биде проценето како неприфатливо намалување на нивната фундаментална одбранбена способност во корист на некои неприфатливи наднационални амбиции. Тоа не значи дека европските држави немаат обврска да ѝ помагаат на Украина, туку значи дека секоја влада мора да пресмета што може да даде без да ја загрози сопствената безбедност. Впрочем, колективната безбедност функционира само ако секој член на колективот остане доволно силен за да придонесува во него. Дополнително, токму членството во НАТО ја обврзува секоја држава да има сопствени капацитети со кои ќе биде корисен и сигурен сојузник.

Украинската војна покажува колку брзо се трошат европските воени резерви

Ако Европа има проблем да обезбеди доволно ракетен потенцијал, арсенал и резерви за една војна, тогаш тешко ќе се најде одговор што би се случило доколку истовремено се појават две или три сериозни безбедносни кризи. Европа сака да покаже дека безбедноста на Украина е и европска безбедност, но и по повеќе од четири години од конфликтот – нема одговор кој ја плаќа таа безбедност и со кои ресурси. Доколку националните резерви се ограничени, тогаш солидарноста не може бесконечно да се темели врз барањето од едни членки да дадат дел од она што им е потребно за сопствената есенцијална одбрана.
– Потребни се поголема европска одбранбена индустрија, поголеми резерви и долгорочно планирање. Инаку секоја нова криза повторно ќе го отвора истиот спор: кој треба да даде, а кој има право да одбие. Во таа смисла, идејата Норвешка да ги купи ракетите пред да ѝ ги донира на Украина покажува дека Европа веќе бара начини како да ја надмине оваа дилема. Но финансискиот модел не го решава целосно проблемот со ограничените производствени капацитети и резерви. Европа мора да произведува повеќе ако сака истовремено да ги вооружува Украина и сопствените армии – велат дел од воените експерти со кои се консултиравме.

Според нив, украинската војна станува тест не само за европската „солидарност“ туку и за европската одбранбена способност.
– Прашањето повеќе не е само колку оружје Европа е подготвена да испрати.
Прашањето е колку оружје Европа може да произведе и колку долго може да одржува таква политика – нагласуваат експертите.

Едно е милитантната амбиција, сосема друго националната одговорност

Токму овие примери може да значат за Македонија една важна лекција. Членството во НАТО не треба да создава чувство дека националната одбрана може да им се препушти на другите, туку, напротив, секоја држава мора да има доволно сопствени капацитети за да може и да се брани и да помогне кога тоа ќе го бара колективната безбедност. Македонија можеби никогаш нема да биде во позиција како Шпанија или Грција да располага со големи стратешки резерви, но мора да знае што може да даде, што мора да чува и во кои капацитети треба да инвестира.

НАТО не е систем во кој едни само бараат безбедност, а други ја обезбедуваат, туку станува збор за сојуз во кој секој член има свој дел од одговорноста. А европската солидарност ќе биде вистински силна во друга форма и облици, имено дури тогаш кога помошта за еден нема да значи страв дека другиот сојузник останал послаб. Или, пак, дека трет надвор од воениот пакт треба да се нападне…

Дотогаш ќе остане отворена најважната дилема: каде завршува европската сега веќе пренагласена милитаристичка амбиција, а каде почнува националната одговорност за сопствената безбедност.