Новата европска трка по сопствена одбрана
- Макрон бара европските држави да купуваат француско оружје во име на стратешката автономија, а за малите членки се отвора клучната дилема – ќе бидат ли партнери во европската одбрана или само купувачи на оружјето на големите
По долги години во кои европските армии во голема мера се потпираа на американската воена моќ, денес одбраната повторно станува една од главните теми во Брисел и во европските престолнини. Клучното прашање пред кое сега е исправена европската јавност е кој ќе профитира од новиот европски стратешки курс за вооружување, кој ќе го произведува сето тоа оружје и кој ќе ги добива милијардите од продажбата на воена опрема.
Неодамнешниот повик на францускиот претседател Емануел Макрон европските држави да го следат примерот на Шведска и да купуваат француски фрегати ја покажува токму оваа дилема. Имено, за Макрон, купувањето европско оружје е чекор кон европскиот суверенитет. За Франција тоа истовремено значи зајакнување на сопствената одбранбена индустрија, додека за Шведска договорот од 4,3 милијарди евра е инвестиција во сопствената национална безбедност за следните децении.
Три различни интереси, а еден договор
Од тие причини се наметнува дилемата дали европскиот суверенитет автоматски значи и национален интерес на секоја европска држава. Ако одговорот е да, тогаш Европа треба да покаже дека сите нејзини членки имаат корист од новата одбранбена политика. Ако одговорот е не, тогаш постои опасност „европскиот суверенитет“ да стане политичка формула зад која најголемите европски сили ќе ги промовираат сопствените индустриски интереси.
Франција ја има „Навал груп“, Германија има моќна воена индустрија, Италија свои големи производители, а Шведска е европска сила во производството на борбени авиони и друга одбранбена технологија. Тие имаат што да произведат и имаат кому да му продадат. Но што имаат малите држави? Токму тука почнува македонската дилема.
– Македонија како мала членка на НАТО не може да произведува фрегати, борбени авиони или тенкови во обем со кој би можела да биде рамноправен индустриски играч со Франција, Германија или Италија. Но тоа не значи дека треба да биде исклучена од новата европска одбранбена економија. Напротив, ако Европа навистина гради заедничка одбранбена политика, тогаш треба да има место и за индустријата и компаниите од помалите членки. Македонија има такви капацитети и тоа се потврди уште во времето на поранешната држава, кога во земјава се произведуваа разни компоненти наменети за воената индустрија – велат поранешни старешини во АРМ и добро упатени извори во политиките поврзани со вооружувањето.
Според нив, ако целосно се исклучат малите земји, тогаш европската одбранбена интеграција лесно може да се претвори во едноставна равенка: големите произведуваат, а малите купуваат.
– Тоа можеби ќе ја направи Европа посилна, но не мора да ја направи и похомогена. Уште повеќе, може да создаде нова зависност – додаваат соговорниците.
Опасност од нова зависност
Европа денес зборува за намалување на зависноста од американската воена индустрија. Но ако европските држави само го пренасочат огромниот дел од своите набавки кон неколку големи европски производители, тогаш зависноста нема да исчезне, туку само ќе се промени локацијата. Наместо Вашингтон, центарот на зависноста може да биде Париз, Берлин или некоја друга европска престолнина. А тоа не е целосната смисла на стратешката автономија.
– Вистинската автономија би значела Европа да има доволно широка и разновидна одбранбена индустрија за ниту една држава, компанија или индустриски центар да не стане незаменлив. Во таква Европа Франција може да произведува фрегати, Германија тенкови, Шведска авиони, Италија хеликоптери, а помалите држави да се вклучуваат со електроника, софтвер, компоненти, муниција, логистика и други специјализирани технологии. Тогаш европските пари би граделе европска индустрија, а не само национални индустриски шампиони – истакнуваат нашите соговорници.
Тие во таа насока на дејствување ја лоцираат иднината на земјава како членка на НАТО.
– Ако Европа во следните години потроши стотици милијарди евра за одбрана, Македонија мора да размислува дали сака да биде само краен корисник на туѓата технологија или може да пронајде области во кои ќе стане дел од европскиот производствен синџир. Не мора да произведуваме фрегати за да имаме место во европската одбрана. Но мора да имаме знаење, технологија, компании и кадар што Европа ќе има причина да ги бара. Тоа е можеби најголемата шанса што ја носи новата европска трка по вооружување. Но само ако навреме разбереме дека одбраната не е само воена туку и економска и технолошка политика. Европа во наредните години нема само да купува оружје.
Ќе гради фабрики, ќе развива технологии, ќе отвора работни места и ќе создава долгорочни индустриски зависности. Ако европскиот суверенитет треба да биде заеднички, тогаш и неговите економски придобивки мора да бидат што е можно пошироко распределени. Прашањето е каде ќе биде Македонија во таа слика – заклучуваат соговорниците. С.Т.
































