Фото: Нова Македонија

Тринаесетгодишникот осомничен дека со нож тешко повредил врсник во инцидентот во скопски Чаир не може да сноси кривична одговорност поради својата возраст, а со него понатаму ќе работат надлежните социјални служби.

Во меѓувреме, 30-дневен притвор му е определен на неговиот 19-годишен брат, кој е осомничен за насилство. По барање на Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје му одредил притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото.

Од Обвинителството појаснуваат дека малолетникот, кој според информациите на Министерството за внатрешни работи со нож повредил повеќе лица, не подлежи на кривична одговорност бидејќи во моментот на настанот бил под законската граница од 14 години.

Според Обвинителството, осомничениот и неговиот малолетен брат презеле дејствија на насилство при кои тешко биле повредени едно дете и едно полнолетно лице, додека уште едно дете се здобило со полесни повреди.

Како што се наведува во соопштението, нивните постапки предизвикале чувство на несигурност, загрозување, страв и вознемиреност кај присутните и во јавноста.

Според Кривичниот законик и Законот за правда за децата, против лице кое во моментот на извршувањето на дејствието нема наполнето 14 години не може да се води кривична постапка, ниту може да му биде изречена воспитна или друга кривична санкција.

Во вакви случаи, доколку се утврди дека детето е под законската возраст за кривична одговорност, предметот се доставува до надлежниот центар за социјална работа. Понатаму може да бидат преземени мерки за помош, заштита и работа со детето и семејството, во зависност од процената на ризикот и најдобриот интерес на детето.

Во меѓувреме, 13-годишното момче кое беше тешко повредено во инцидентот и натаму се наоѓа на интензивна нега во тешка состојба.

Во инцидентот биле вклучени вкупно пет лица, кои биле приведени од полицијата, додека мотивите и околностите што довеле до насилниот судир сè уште се предмет на истрага.