Наградата „Прозарт“, која интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 14. пат му ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на српскиот писател Драган Великиќ, еден од најзначајните, најпреведувани и најпрепознатливи современи српски писатели. Наградата ќе му биде доделена на Великиќ лично, на свеченото затворање на фестивалот, во Музејот на Град Скопје, на 15 септември.
– Наградата „Прозарт“ ми е особено драга бидејќи доаѓа од просторот на мојата поранешна татковина, од читателите што најдобро ме разбираат. Значењето на секоја награда го прават нејзините лауреати, а со „Прозарт“, во текот на своето 14-годишно постоење, се наградени писатели што создадоа автентични книжевни светови. Убаво е да се биде во тоа друштво. Особено ми е важно што оваа награда доаѓа по објавувањето на мојот „Виенски роман“, бидејќи тој допира теми што се многу актуелни во регионот. Пред сè, недовербата кон другото и поинаквото. А литературата е тука за да нè поврзува со новите и поинакви погледи на светот – вели Великиќ по повод добивањето на наградата.
Одборот за доделување на наградата „Прозарт“, во состав: Ермис Лафазановски (претседател), Александар Прокопиев (член) и Дејан Трајкоски (член), во своето образложение истакнува дека во разновидното книжевно писмо на Великиќ постојани се неговата стилска префинетост, негувана уште од студентските денови како компаративец на Белградскиот универзитет, неговата приврзаност кон интимните состојби на јунаците (во кои има и автобиографски елементи), како и неговата изострена заинтересираност за актуелните промени во политичкиот, социјалниот и културниот живот во регионот. Со својот заокружен и исцизелиран прозен израз, Драган Великиќ сосема природно се приклучува кон низата големи балкански автори, добитници на наградата „Прозарт“. Великиќ има импресивен опус од прозни дела – дванаесет романи, три збирки раскази и повеќе книги есеи, интервјуа и дела од други жанрови. Неговиот прв објавен роман, „Виа Пула“, го издвои како едно од најперспективните и најособени имиња во тогашниот нов постмодерен српски прозен бран. Неговите следни романи, „Астраган“ и „Дантеовиот плоштад“, го сместија меѓу водечките имиња на тогашната југословенска книжевна сцена.
Освен Великиќ, гости на 14. издание на фестивалот ќе бидат албанската писателка Дијана Чули, бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, ирско-британскиот филмски автор и продуцент Мајк Дауни, српската писателка Христина Радовиќ Андриќ и психологот и авторка на детска литература Зиновија Василејади од Грција, како и домашниот претставник – писателот Блаже Миневски.
































