Фото: ДЗС

Во гаснењето на големиот пожар во Лакавичкиот Регион на територијата на Општина Штип се вклучуваат ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување, како и два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Македонија.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој даде вонредна изјава од теренот, информираше дека пожарот во еден дел се приближил до бројните викендици покрај реката Лакавица, поради што приоритет на пожарникарите е заштитата на објектите.

Во тој појас има околу 100 викендици, а според Ангелов, пожарникарите и доброволците успеале да ја запрат линијата на огнот на повеќе критични точки.

– Голема благодарност до сите пожарникари кои со надчовечки напори успеаја да ја стопираат линијата на огнот, која особено ме загрижи поради големата опасност за многубројните викендици покрај пресушената река Лакавица. Во овој појас има околу стотина викендици. Засега ситуацијата е под контрола на повеќе места и очекувам до вечер да имаме контрола барем на делот кој ги загрозува викендиците, а потоа ќе остане да се стави под контрола и горниот дел од пожарот кој се движи кон планината Серта – изјави Ангелов.

Тој нагласи дека во гаснењето се ангажирани значителни сили, вклучително и пожарникари од професионалните противпожарни единици од цела Источна Македонија, како и доброволни противпожарни тимови на Дирекцијата за заштита и спасување.

На терен се распоредени повеќе противпожарни возила, оклопно транспортерско возило на Дирекцијата за заштита и спасување за заштита на викендиците, како и повеќе теренски возила „Пинцгауер“.

Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 18 часот денеска во државата биле регистрирани вкупно 22 пожари на отворен простор. Од нив, пет се активни, пет се ставени под контрола, а 12 се целосно изгаснати.

Покрај пожарот во Општина Штип, помеѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде гори ниска вегетација, активни пожари има и во Општина Струга, на подрачјето на селата Пискупштина, Луково и Буринец, каде што е зафатена шума.

Активни се и пожарите во Општина Сарај, во регионот на селата Копаница и Радуша, каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и во Долно Арнакија. Пожар е активен и во селото Гошинце, во Општина Липково, каде што гори ниска шума.