Битката за Пелистер е добиена, откако по 72 часа непрекината активност на терен и три пеколни ноќи на линија на огнот, пожарот е целосно изгаснат, информираа денеска од ЈУ „Национален парк Пелистер“.
Според Иванчо Тошевски, директорот на претпријатието, ова бил еден од најкомплексните пожари оваа сезона на територија на Македонија, во шума каде доминираат црн и бел бор и поради тоа биле преземени едни од најкомплексните акции за гаснење на пожар на отворен простор.
-И покрај неповолните временски услови на терен, акцијата беше успешна благодарение на перфектната и совршена координација на терен помеѓу сите институции кои беа вклучени. Невозможното стана возможно затоа што единиците на НП Пелистер, ТППЕ Битола, ТППЕ Ресен, маханизација на ЈП од Општина Битола, ЈП Стрежево, Огнените сили на ДЗС, ДПД Архангел, ДПД Кочани, хеликоптерите на Воздухопловниот ВИНГ на АРМ, ер тракторите на ДЗС и голем број на приватни стопанственици и други доброволци беа непрекинато на терен без ниту една пауза во текот на целото деноноќие. Целата оваа поддршка беше обезбедена благодарение на директорот на Дирекција за заштита и спасување Стојанче Ангелов – вели Тошевски.
Од ЈУ „Национален парк Пелистер“ апелираат на одговорно однесување на граѓаните во природа за да се елиминираат можностите за појава на нови пожари.

































