Фото: МВР

По три децении, денеска официјално почна со работа новото државно Средно полициско училиште “7 Мај”, со што Македонија повторно добива системски процес за образование на иден полициски кадар. На првиот училиштен ден, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека ова е историски чекор за реформата и модернизацијата на полициските служби во државата.

-Први септември 2026 година, конечно, после 30 години од последниот упис во рамки на Средното полициско училиште во Македонија, имаме нова генерација на идни полициски службеници коишто ќе имаат своја професија – полициски службеник во Македонија со завршено Средно полициско училиште за две години од сега – изјави Тошковски.

Тој им честиташе на новозапишаните ученици за изборот на, како што рече, оваа одговорна и чесна професија.

-​Нека им е честито на сите дечиња коишто се запишаа во рамки на Средното полициско училиште. Сигурен сум дека за две години од сега, со посветена и макотрпна работа, со трудот којшто ќе биде даден и од страна на професорите, и од страна на менторите, и од страна на сите оние едукатори коишто ќе бидат вклучени во процесот, а најмногу од страна на учениците, ќе можеме да се гордееме со нова бројка на полициски службеници коишто имаат завршено Средно полициско училиште – нагласи министерот.

​Тошковски им се заблагодари на сите институции и тимови кои работеле на реализација на овој проект изминатите две години.