Македонското друштво “Илинден”-Тирана ќе учествува на Конгресот на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) што ќе се одржи од 17 до 20 септември 2026 година во Финска, а домаќин ќе биде Шведско собрание на Финска (Svenska Finlands folkting/Folktinget in Swedish), кое работи за јазичните права и статусот на шведскиот јазик во Финска, објави „Илинден“, весникот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана.
-Изминатите 11 години, од кога сме рамноправна членка на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), редовно учествуваме на сите Конгреси и други активности. Ќе учествуваме и на овој конгрес чиј домаќин ќе биде Шведско собрание на Финска – изјави за “Илинден”, Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден”-Тирана.
Од друштвото „Илинден“-Тирана велат дека Хелсинки за време на Конгресот ќе стане место за средба на европските малцинства.
– Се очекува да присуствуваат претставници на автохтоните национални малцинства, националности и јазични групи од цела Европа. Шведското собрание на Финска, мисијата на организацијата е да ги заштити и промовира правата и интересите на населението што зборува шведски, како и активно да споделува информации за шведскиот јазик во Финска и двојазичноста во земјата. Фолктингет, исто така, работи на поддршка и зајакнување на статусот на шведскиот јазик и култура во Финска. Заштитата на јазичните права на населението што зборува шведски е основна задача на Фолктингет. Јавноста може да контактира со организацијата за прашања поврзани со јазичните права и обврската на властите да ги почитуваат овие права. Фолктингет активно работи на заштита на правата на луѓето што зборуваат шведски јазик во рамките на државната и општинската администрација и образовниот сектор, како и во рамките на социјалните услуги и здравствената заштита во Финска – објави „Илинден“.
Македонското друштвото ”Илинден”-Тирана е член на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства. Во овој период редовно учествува на Конгреси и други активности, а по предлог на друштвото усвоени се и Резолуции за положбата на македонското малцинство во Албанија.

































