Фото: Ка.М.

Денеска во 11 основни и пет средни училишта во Прилеп и во населените места започна новата учебна 2026/2027 година, во која се вклучени 5.600 ученици. Од нив, 510 се првачиња, а 700 се нови средношколци. Во средно образование ќе учат 2.800 ученици, а другите се во основното образование, од второ до деветто одделение.

Највозбудливо беше за првачињата кои првпат седнаа во училишните клупи. За нив Општина Прилеп обезбеди пакети со училиштен прибор.

Поздравувајќи ги првачињата во ОУ „Рампо Левката“, градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека се надева оти и учебната 2026/2027 година ќе биде успешна, дека учениците ќе освојат многу награди и дека Прилеп ќе се вброи меѓу најуспешните општини.

– Сите училишта се подготвени за наставата, а наставниот кадар е на висина на задачата. Очекуваме успешна учебна година. Како Општина, доделивме пакети за првачињата, а на родителите ќе им бидат доделени и по 3.000 денари, со цел да им се олесни почетокот на учебната година. Ќе има јавен оглас на кој родителите ќе се пријават, а парите ќе им бидат префрлени на нивните трансакциски сметки. Паралелно со тоа, добредојде и намалувањето на цените во рамките на ученичката кошничка од страна на Владата – рече Проданоски.

Директорот на ОУ „Рампо Левката“, Жарко Бабаноски, поздравувајќи ги првачињата, рече дека денеска стануваат ученици и добиваат нови обврски.

– Училиштето не е само место за учење. Ова е место каде што ќе најдете нови другари, ќе се смеете и ќе откривате нови светови. Секоја буква е нова играчка во вашите раце. Ќе ве водат вашите наставници. Бидете љубопитни, прашувајте и радувајте се на секој нов училиштен ден. Пред наставниците е нова благородна мисија, со која ќе ви ги отворат вратите на знаењето. Нека оваа учебна година биде исполнета со успеси во секој сегмент – рече Бабаноски.

Инаку, Општина Прилеп летово инвестираше околу 20 милиони денари во уредување на училиштата и во подобрување на квалитетот на образованието. Изградени се нови игралишта, а извршена е реконструкција на фасадите и покривите на училишните згради. Ка.М.