Фото: Влада / Архива

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека блокадата од страна на ДУИ на донесувањето на законите за кои е потребен Бадентер не може да предизвика предвремени парламентарни избори. Мицкоски рече дека не гледа криза и дека власта има стабилно мнозинство.

– Не. Не гледам криза. Ние имаме стабилно мнозинство. Не мислам дека тоа претставува каква било криза – рече Мицкоски.

– Ќе ве потсетам дека на скали избраа претседател на Собранието – додаде тој.

ДУИ со процедурални забелешки го блокираше донесувањето закони во Собранието пред собранискиот одмор. Иако заврши расправата за некои закони за кои беше потребен Бадентер, односно гласање на пратениците од немнозинските заедници, меѓу кои е и Законот за правична застапеност, тие не беа ставени на гласање.