Првата координација пред почетокот на новата собраниска сесија се одржа денеска, а претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, најави дека до крајот на септември ќе се одржат најмалку четири седници. Две се веќе закажани за 2 и 11 септември, а најверојатно ќе се одржат уште две до крајот на месецот.
Предизвик за пратениците останува гласањето за законите за кои е потребен Бадентер. Гаши на брифингот со новинарите рече дека сите ќе бидат ставени на гласање, но дека не знае каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада на опозициската ДУИ, пренесува МИА. Закони за кои е потребен Бадентер, односно кои се од особен интерес, се законите за правична застапеност, за високо образование, за локална самоуправа и други.
– Ова прашање има повеќе политичка димензија отколку процедурална. Во својство на претседател на Собранието се обидувам да ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера, тогаш се разговара на друго политичко ниво. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но им оставам на политичките актери да го решат – рече на брифингот со новинарите претседателот на Собранието.
На прашањето дали лидерска средба би помогнала, Гаши рече дека не може да оцени дали би помогнала или не, но дека секогаш е за дискусија и разговор.
– Не можете да најдете решение ако не седнете да разговарате – рече претседателот на Собранието, додавајќи дека дијалогот треба повеќе да се применува како дел од политичката култура во државата, особено со опозицијата.
На денешната координативна средба присуствувал заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, но немало никаква најава дека повторно ќе има блокада од страна на нивните пратеници.
– Тоа не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот, но ќе видиме како ќе реагираат – рече Гаши.
Во однос на тоа дали, доколку блокадата продолжи, ќе има предвремени парламентарни избори, тој рече дека такви избори ќе има кога 61 пратеник ќе одлучат за распуштање на Собранието. Сепак, нагласи дека е поборник на идејата за редовни парламентарни избори и дека нема да дозволи злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори.
– Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за неа може да се решава и на друго ниво – рече претседателот на Парламентот.
Гаши најави дека наскоро во Собранието треба да пристигне законско решение поврзано со барањето правосудниот испит да се полага и на албански јазик.
Во однос на уставните измени, рече дека нема информации за нов моментум, но дека Собранието е секогаш подготвено навремено да ги донесе потребните закони поврзани со Реформската агенда, како и да постапи доколку се донесе одлука за уставни измени.
Во следните месеци пристапот до околината на Собранието ќе биде отежнат поради градежните работи поврзани со изградбата на паркингот за пратениците и вработените.
































