Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Дизелот од полноќ поевтинува за 6,5 денари за литар, а бензините поскапуваат за еден денар – одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,06 отсто.

Новата максимална малопродажна цена на „евросупер БС-95“ ќе изнесува 94 денари за литар, а „евросупер БС-98“ ќе се продава за 96 денари за литар. Цената на „евродизел БС (Д-Е V)“ ќе изнесува 95 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ, малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 3,5 денари за литар и ќе изнесува 97 денари, а малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 1,166 денар за килограм и ќе изнесува 44,410 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на светскиот пазар, во однос на претходната пресметка, бележат зголемување кај бензините во просек за 2,212 отсто, додека кај дизелот има намалување за 8,237 отсто, кај екстра лесното масло за 4,389 отсто, а кај мазутот за 2,793 отсто.

Курсот на денарот во однос на доларот во пресметковниот период е понизок за 0,5477 отсто во споредба со периодот кога беа формирани претходните цени.

Од РКЕ напоменуваат дека ова се максимални цени на нафтените деривати, а трговците на големо и мало можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.