ТАЕКВОНДО
- Овој медал ми е особено драг, бидејќи го освоив во многу тежок момент и ѝ го посветувам на мојата тетка Билјана, ни изјави Рељиќ. „Ова е извонреден резултат на Рељиќ, освоени се и дополнителни 14,4 поени што ќе ја вивнат во првите 16 на олимписката ранг-листа, со што е на одличен пат да освои норма за настап на ЛОИ 2028 во Лос Анџелес“, вели Ефтимов, тренер на Рељиќ

Таеквондистката Милијана Рељиќ постигна огромен успех на Отвореното светско првенство за жени Г-4, кое се одржа во Таијуан (Кина), освојувајќи бронзен медал во тежинската категорија до 62 кг, каде што имаше 43 натпреварувачки.
– Од настапот во Кина и прикажаното во борбите сум задоволна. Овој медал ми е особено драг, бидејќи го освоив во многу тежок момент и ѝ го посветувам на мојата тетка Билјана, која ми беше и најголема поддршка, како да е моја сестра. Таа доаѓаше со мене на натпревари да ме гледа и живеевме заедно, но, за жал, почина пред две недели на 44-годишна возраст. Кога го освоив медалот не бев среќна зашто не можев да ѝ се јавам. Не знам како ќе продолжам понатаму без неа, па токму затоа медалот и го посветувам нејзе – изјави за „Нова Македонија“, репрезентативката Рељиќ.
Најдобрата македонска спортистка за 2024 година, учесничка на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, репрезентативка и членка на ТК Тигри од Скопје, во првото коло оствари победа над Јијао Санг со 2-0 во рунди, во следното коло беше поуспешна од Мохидил Уктамјонова со тесен резултат 2-1 во рунди, а во борбата за медал беше поуспешна од Тајпеј, Чиа Веи Ванг, исто така, со 2-1 во рунди.
– Што се однесува до настапот на Милијана, мора да напоменам дека во втората рунда од дуелот со Чиа Веи Ванг, Милијана губеше со 0-4 на поени, но на две секунди пред крајот со извонредно тежок удар со левата нога успеа да освои шест поени и да направи целосен пресврт со вкупни 6-4. Така стигна со полуфиналето каде што се сретна со руската претставничка Софија Мотлок. Во тесна борба, во која буквално десетинки ја делеа да стигне до посакуваното финале, сепак Русинката беше поуспешна со 2-1 во рунди. Сепак, ова е извонреден резултат на Рељиќ, освоени се и дополнителни 14,4 поени што ќе ја вивнат во првите 16 на олимписката ранг-листа, со што е на одличен пат да освои норма за настап на ЛОИ 2028 во Лос Анџелес. Да кажам и тоа дека ова Отворено светско првенство, реално беше посилно од ланското Светско првенство за мажи и жени Г-14, затоа што имаше по неколку натпреварувачки од Кина, како и претставнички од најсилните држави што бркаат поени за ЛОИ 2028 – вели тренерот Александар Ефтимов.
Ефтимов поради присуство на Медитеранските игри (МИ) во Таранто (Италија), кои се во тек, но и други работни обврски, не беше во можност да биде присутен во Кина со Рељиќ, па него го замени тренерот Стефан Миленковски.
– Цело лето напорно работевме за ова Светско првенство. Ова беше клучен натпревар да се биде или не, па моравме да освоиме најмалку петто место за да се надеваме дека ќе влеземе во првите 16 на олимписка ранг-листа, за да бидеме поканети на финалниот Гранпри Г-10 турнир, кое ќе се одржи во Казахстан на крајот на ноември, годинава. Милијана се покажа како вистински професионалец кога е најпотребно и уште еднаш докажа дека е таеквондистка од светска класа. До крајот на годината имаме уште турнири во Ниш, Хамбург, Варшава, Тирана, каде што ќе треба да освоиме вкупно барем 16 поени (златниот медал носи 10 поени, сребрениот шест, бронзениот 3,6) и со тоа може да се надеваме на сигурен пласман за тој финален турнир, клучен за ЛОИ 2028. Да напоменам дека првите 16 одат на финалниот гранпри Г-10 турнир, каде што се собираат многу поени, додека на Летните олимписки игри одат само првите пет, а потоа има квалификациски натпревари, по две од секој континент – вели Ефтимов. Г.И.


































