Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) безбедно отстранил две артилериски гранати од 75 и 155 милиметри, кои потекнуваат од Првата светска војна.
Неексплодираните убојни средства биле пронајдени во атарот на селото Мегленци, во општина Новаци, во предел што пред неколку дена бил зафатен од мариовскиот пожар.
Од ДЗС информираат дека гранатите биле изложени на огнот, но не експлодирале. По нивното пронаоѓање, пиротехничарот ги отстранил безбедно, со што била отстранета дополнителната опасност за населението и лицата кои учествуваат во гаснењето и санирањето на последиците од пожарот.
Гранатите биле откриени од припадници на Територијалната противпожарна единица Битола.
Од ДЗС предупредуваат дека присуството на стари неексплодирани убојни средства претставува дополнителен ризик во пожарите, бидејќи високите температури и движењето на теренот можат да создадат опасни ситуации.



































