Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД постигнале договор со Венецуела со кој ќе добијат мнозинска контрола врз повеќе од 65 милијарди барели докажани нафтени резерви во земјата.

Трамп договорот го опиша како „најголем договор за нафта во историјата на светот“. Според него, преговорите биле водени по негови насоки од државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет, привремената претседателка на Венецуела Делси Родригез и претставници на приватниот сектор.

-Тие обезбедија мнозинска контрола на САД врз повеќе од 65 милијарди барели докажани резерви на нафта во Венецуела, без никакви трошоци за американските даночни обврзници – напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут соушл“.

Засега не се објавени детали за тоа кои американски приватни компании би учествувале во договорот, како конкретно ќе биде организирана мнозинската контрола, ниту кога дополнителните количини венецуелска нафта би можеле да стигнат на американскиот пазар.

Договорот доаѓа речиси девет месеци по американската воена операција во која беше соборен и заробен поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро. Оттогаш Вашингтон настојува да ги зголеми испораките на венецуелска нафта кон американските рафинерии и да привлече американски компании во енергетскиот сектор на Венецуела.

Венецуела во моментов произведува околу 1,25 милиони барели сурова нафта дневно, што е значително помалку од производството пред неколку децении. Недоволните инвестиции, санкциите и лошото управување во изминатите години сериозно ја оштетија нафтената инфраструктура на земјата.

Привремената претседателка Родригез го поздрави договорот и оцени дека тој ќе има значително влијание врз економското закрепнување на Венецуела.

Таа соопшти дека договорот предвидува развој на 17 стратешки нафтени полиња со докажан потенцијал од 65 милијарди барели, инвестиции над 100 милијарди долари и повеќе од 209 милијарди долари даночни приходи за венецуелската држава.