Бројот на нови случаи на западнонилска треска во Македонија почна да се намалува на неделно ниво, откако во 33-тата недела бил достигнат пик од 11 случаи, информираше министерот за здравство Сашо Клековски. Податоците покажуваат дека во 34-тата недела бројот на новозаболени е во опаѓање, пренесе МИА.
Како значаен пример за ефектот од мерките против комарците е посочено Драчево, каде по три вонредни земјени прскања од 9 август нема регистрирано нови случаи. Клековски оцени дека постои јасна причинско-последична поврзаност меѓу прскањето на критичните зони и намалувањето на бројот на заболени.
Следна цел, според министерот, треба да биде и реката Серава, која минува низ две општини и е поврзана со регистрирани случаи. Во Гази Баба, каде се извршени две прскања на каналскиот систем, се очекува жариштата исто така да бидат ставени под контрола.
Клековски најави дека во иднина прскањето треба да се спроведува посистематски. Целта е во следните пет години постепено да се премине од воздушно прскање кон таргетирано земјено прскање, насочено кон конкретните ризични зони.
Намалувањето на бројот на нови случаи доаѓа во период кога здравствените власти продолжуваат со епидемиолошко следење и мерки за контрола на комарците, кои се главниот преносител на вирусот.



































