Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Музејот на современа уметност во Скопје денеска беше одбележана 116-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, при што беше упатена порака дека нејзиното хуманитарно дело и вредностите што ги застапувала треба да бидат пример за сите генерации.

На свеченоста се обратија вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали и косовскиот премиер Албин Курти. Сали истакна дека Мајка Тереза, родена во Скопје, денес е симбол на целото човештво и дека нејзината порака ги надминува националните, верските и општествените граници.

Според Сали, хуманизмот, мудроста и жртвувањето за другите треба да бидат водич за општеството, а религијата, националноста или општествениот статус не треба да претставуваат пречка меѓу луѓето. Тој порача дека нејзиното дело не е порака само за едно време, туку за сите генерации.

Косовскиот премиер Албин Курти истакна дека Мајка Тереза со својата посветеност и љубов кон луѓето оставила извонреден пример и станала една од најпознатите и најпочитувани личности во светот. Тој потсети дека во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за нејзината долгогодишна работа и посветеност на сиромашните, болните и луѓето на кои им била потребна помош.

Курти нагласи дека нејзината работа била насочена кон сите луѓе, без разлика на националноста, религијата или расата. Според него, сеќавањето на Мајка Тереза не треба да остане само во документи, туку нејзините пораки треба да се преточат во конкретни дела и во начинот на кој се градат општествата.

Од Скопје, како што порача Курти, треба да се испрати порака за мир, солидарност и љубов, додека Сали порача дека делото на Мајка Тереза треба да биде лекција за сите.

Во рамки на свеченоста беше промовирана книгата „Мисионерскиот пат на Гонџа Бојаџиу до универзалната Мајка Тереза“ од проф. д-р Скендер Асани. На настанот се обратија и рецензентите Дон Луш Ѓерѓи и Мартин Беришај.

Свеченоста заврши со промоција на изложба и документи посветени на животот и хуманитарната дејност на Мајка Тереза.