Во 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, а рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска по повод Денот на рударите, пренесе МИА.
Според Божиновска, во текот на минатата година приходите од концесиски надоместоци достигнале повеќе од 1,22 милијарда денари, што претставува историски највисока наплата. Таа оцени дека позитивниот тренд продолжува и во 2026 година и го поврза со подобрениот систем на наплата, засилениот институционален надзор и почестите контроли при користењето на природните ресурси.
Министерката нагласи дека рударството е важна стопанска гранка и основа за развој на повеќе други индустрии, но потенцираше дека безбедноста на работниците мора да остане врвен приоритет. Според неа, ниту произведената руда ниту инвестициите не можат да бидат повредни од човечкиот живот.
Целта на државата, како што посочи Божиновска, е создавање модерно, конкурентно и одговорно рударство, усогласено со европските стандарди, со јасни правила, силни институции, заштита на животната средина и грижа за локалните заедници.
Претседателот на Македонската асоцијација на рударството, Диме Петрески, истакна дека рударството има значајна улога во економскиот и индустрискиот развој на државата. Според него, суровините од рударството се неопходни за современата индустрија, енергетиката, градежништвото и технолошкиот развој. Тој повика на стабилен и предвидлив амбиент кој ќе привлече нови инвестиции и ќе овозможи отворање работни места.
Деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Ѓорги Димов, посочи дека иднината на рударството е поврзана со заштитата на животната средина и примената на современи технологии. Тој нагласи дека потребни се стручни кадри за дигитализација, автоматизација, вештачка интелигенција и циркуларна економија.
Според Димов, рударството не е професија на минатото, туку професија на иднината, која треба да стане побезбедна, поефикасна, дигитализирана и поодговорна кон природата и локалните заедници.
Од рударскиот сектор, Катерина Новакова истакна дека современото рударство се менува преку нови технологии, подобрени безбедносни стандарди и поголема грижа за животната средина. Таа нагласи дека успешноста на еден рудник не треба да се мери само преку количината на произведена руда, туку и преку безбедноста на работниците, влијанието врз животната средина и придобивките за идните генерации. Таа повика и на поголемо вклучување на жените во секторот.
Долгогодишниот рудар Љубе Колев зборуваше за условите и предизвиците при работата во рудник, особено при користење тешка механизација и работа во различни теренски услови. Тој истакна дека со текот на годините се подобриле механизацијата, организацијата на работата и безбедносните стандарди. Според него, најважно е секоја смена да заврши така што сите работници ќе се вратат дома здрави и безбедни.
Научниот соработник од МАНУ, Александар Дединец, нагласи дека рударството ќе има клучна улога во декарбонизацијата и зелената транзиција. Развојот на обновливите извори на енергија, батериите, електричните возила и современите технологии бара сè поголеми количества минерални суровини.
Според Дединец, декарбонизацијата не значи намалување на потребата од минерали, туку напротив – нивната важност дополнително ќе расте. Македонија располага со значителен минерален потенцијал, а неговото одржливо искористување може да биде важна развојна можност во услови кога Европа настојува да обезбеди сигурно снабдување со критични суровини.
На одбележувањето на Денот на рударите беа доделени и благодарници на најуспешните рудари и лица кои придонесуваат за развојот на рударскиот сектор.



































